Виктор Апостоловски за евровизиската песна: „Супермен“ ми помага во секојдневната борба
Брза, модерна, впечатлива и певлива. Тоа се првите впечатоци за песната „Супермен“ во изведба на Виктор Апостоловски. Музиката и аранжанот ги напиша Владимир Дојчиновски – Дојчин. Текстот е заедничко дело на пејачот и авторот.
-Иако текстот асоцира на јунакот од стриповите и филмовите, во овој случај „Супермен“е парадигма на моето секојдневно битисување. Во ова време на пандемија, неисигурност, тага, исчекување, ограничено движење и дружба, на мигови треба да имаш надчовеччка сила да го издржиш сето тоа. И покрај се успеав да останам позитивен. Благодарен сум „што можам да одам, можам да зборувам, можам да ја исполнам твојата желба, можам да скокнам во огнот, можам да се шегувам“ како што пеам во песната. Имам сила да се борам против сите неправди не само во приватниот туку и во професионалниот живот. Пандемијата едноставно ни ги скрати крилата особено на луѓето од музиката, уметноста – вели пејачот.
Виктор е среќен што е дел од 6-те евровизиски кандидати. Се надева дека публиката ќе ја препознае песната.
-Од дете ја следам Евровизија. Да бидам искрен изминативе години имав голема желба да бидам македонски претставник на изборот. Таа можност сега ја имам. Верувам во „Супермен“ зашто е модерна, вечатлива и со заразен ритам. Ми легна уште од прво слушање. Уживав додека ја снимав. А кога се пее со душа и со љубов, тоа не останува незабележано од публиката – нагласува пејачот.