МК Сцена
Младата писателка Ивана Костовска ја промовираше својата втора книга
Во опуштена атмосфера, пријатен амбиент и многу позитивни вибрации, младата писателка Ивана Костовска го промовираше своето ново дело, насловено “Феникс”.
Видно возбудена на промоцијата во скопското кафуло ,,Концепт”, авторката Костовска во неколку реченици го претстави “Феникс”, нејзината втора по ред книга, како дело во чиј што фокус повторно е љубовта, тема за која што самата кажа дека е нејзиниот најголем двигател. “Нема да говорам многу, ќе ги оставам читателите сами да го доживеат и да го почувствуваат тој импулс додека ги читаат расказите.“, рече Костовска.
Во „Феникс “, авторката зборува за умирањето и повторното раѓање, што го претставува патот до нејзиното себеосознавање. “Случувањата во кратките раскази во втората книга „Феникс“ се поврзани со испреплетените животни одлуки, болка, многу непроспиени ноќи, умирање и така во круг до следното раѓање, кога сè почнува одново, овојпат убаво”, вели Ивана. Пораката што се проткајува низ страниците на „Феникс“ е женската борба против патријархатот.
Нејзината прва издадена една книга е со наслов „Рефлексија “, која што заедно со новата „Феникс“ можат да се најдат во продажба во сите поголеми книжарници.
Ивана Костовска е родена на 16 јануари, 1987 година во Скопје. По професија е социјален работник и најголемиот дел од своето време го посветува на борбата за еднаквоста и почитувањето на човековите права.