МК Сцена
„Моја љубов“ – уникатен концерт на Македонската филхармонија за Денот на вљубените
За Денот на вљубените, на 14 февруари (четврток) во 20 часот, Македонската филхармонија и оваа година подготвува единствен музички настан!
Под диригентство на маестро Борјан Цанев, ќе бидат изведени популарни теми, инструментални, но и вокални композиции кои се искористени во култни филмски остварувања, а кои пејат за љубовта, страста, вљубеноста…
Љубителите на добрата музика ќе имаат можност да ги слушнат вечните композиции кои ги испеаја славните грла на Чет Бејкер, Ела Фицџералд и Нина Симон, Стинг или Паоло Конте, филмски теми на култните Енио Мориконе, Нино Рота, Крег Армстронг, Геби Верлор („Малена“, „Ромео и Јулија“, „Високи потпетици“) или оние на современите вокалистки и авторки Мишеле Гуревич и Ковач кои во последните години ја стекнаа светската популарност…
За оригиналните оркестрации, специјално направени за овој настан, се погрижи македонскиот врвен композитор Владимир Николов.
Концертот носи наслов „Моја љубов“, а како солисти ќе се претстават македонските истакнати уметници: Огнен Анастасовски, Светлана Јовановска и Надежда Рубен (вокали), Трајче Велков (труба) и Иван Иванов (саксофон).
Музиката ќе биде збогатена со танцот и кореографијата на Ивана Коцевска и Јована Зајкова, како и со уникатен светлосен дизајн.