МК Сцена
„Моцартовите перипетии“ со атрактивната обоистка Сања Ромиќ
Овој четврток (25 јануари) во 20 часот, на програмата на Македонската филхармонија е симфонискиот концерт „Моцартовите перипетии“, на кој, како што кажува насловот, ќе бидат изведени дела од музичкиот гениј Волфганг Амадеус Моцарт.
Како солист ќе настапи атрактивната обоистка Сања Ромиќ, прва обоа на Белградската филхармонија, која ќе го изведе Концертот за обоа и оркестар во C-dur. Под диригентство на маестро Михал Нестерович од Полска, оркестарот на Македонската филхармонија ќе ги изведе и увертирата од операта „Дон Џовани“, како и Симфонијата бр. 38 во D-dur, „Прашка“.
„Таа поседува музичка длабочина и има прекрасен тон кој го надминува целиот оркестар, а наедно ги инспирира своите колеги“. Вака ќе изјави славниот маестро Зубин Мехта за првата обоистка на Белградската филхармонија – Сања Ромиќ. Се смета за една од најактивните, но и најталентираните обоистки од помладата генерација на Балканот. „Сања сака сè или ништо“, ќе напише познатиот писател Момо Капор. Таа, пак, за себе ќе каже дека е емотивна, весела, дека се радува на човекот, на пријателите и насмевката и дека сето тоа го исполува низ музиката која ја обзема, која ја живее и дише… Обоистката Сања Ромиќ го почнала своето музичко образование во Нови Сад, потоа студирала на академијата „Франц Лист“ во Будимпешта, а се усовршувала на „Моцартеум“ во Салцбург. Од 2005 до 2009 година дејствувала како соло-обоистка во Операта и балетот во Љубљана, а соработувала и со Оркестарот на Радио-телевизија Словенија, со Словенечката филхармонија, со оркестарот на Војската на Словенија, со оркестарот „Фестине“ и Друштвото на словенечки композитори. Сања Ромиќ соработувала и со меѓународни оркестри како што се „Ердоди“ и „Матав“ од Унгарија, Салцбуршката камерна филхармонија, Младинската филхармонија од Салцбург, оркестарот „Бад Рајхенхал“ од Германија, со загрепските солисти, со оркестарот на Академијата „Арс музикае“ од Клагенфурт…
Се јавува и како предавач на мастер-класите на Кралската академија во Даблин и на Академијата за уметности во Нови Сад, а се занимава и со педагошка дејност. Соработува со пијанистот Даниел Детони од Хрватска, со харфистката Паола Барон од Италија и со пијанистката Финула Мојнихан од Ирска, со која ќе го сними и нејзиното прво ЦД „Melodies of Nations“. Остварила снимки за Радио Нови Сад, а досега била ангажирана за разновидни перформанси, меѓу кои и за театарска музика. Од 2011 година е прва обоистка на Белградската филхармонија.