Balkan Mayhem – нова песна на Brass Brothers
Македонскиот бенд Brass Brothers имаа релативно успешна летна сезона, исполнета со многубројни настапи во земјава. Момците од Brass Brothers сега се враќаат на македонската музичка сцена со серија од нови музички изданија од нивниот прв музички албум.
Овие денови тие ја промовираат нивната нова песна Balkan Mayhem, која во исто време е и носител на истоимениот албум Balkan Mayhem. Новото издание е инструментален експлозивен спој на дувачки инструменти со драменбејс, Балкан бит и џангл стил и одлично ја доловува силната и фуриозна атмосфера од живите изведби на еден од најенергичните македонски бендови.
Повторно музиката ја потпишува Горан Мицевски Кус, додека аранжманот на песната е заедничко дело на Ненад Тодоровски – Todd Haze, Ристе Шандаров и Горан Мицевски Кус. Balkan Mayhem е снимена во студио Алшар во Скопје, додека Микс и Мастеринг се изработени од Пауло ПГ од Бразил.
Огромен придонес во музичката реализација на Balkan Mayhem имаат и долгогодишните музички брас соработници на Brass Brothers: Стефан Тасевски – Соло Алт Саксофон, Иван Трајковски – Тенор Саксофон, Илија Мицев – Соло Труба, Стефан Илиев – Труба и Александар Нинич – Туба.
Видео записот за “Balkan Mayhem” е изработен со финансиска поддршка од Ганг Бистро – Вевчани и Liquid Caffe – Охрид. Како и останатите музички изданија на Brass Brothers и “Balkan Mayhem” e достапна за преслушување и купување на сите светски дигитални платформи и дигитални музички продавници.
Brass Brothers е формиран пред 8 години и во него членуваат Горан Мицевски Кус (тромбон), Костадин Бетоски (саксофон), Пере Мелов (труба), Николче Михајловски (Dj) и Ник де Карло (туба). Brass Brothers функционираат како бенд препознатлив по динамичните живи настапи и зад себе ги имаат авторските нумери Време Невреме на македонски јазик и Inseparable, Winner и Take My Hand на англиски јазик.