Музика
Бијонсе се враќа: Го објавува својот нов албум по 6 години пауза
Бијонсе се враќа со нејзиниот нов албум „Renaissance“, кој треба да излезе на 29 јули, а е нејзин прв албум по 2016 година, објавено е на веб-страницата на пејачката.
Аренби дивата (40) го промени описот кој стои на нејзините профили на Инстаграм и на Твитер, и сега гласи: Act i RENAISSANCE 7.29.
Бијонсе досега не откриваше многу за новите албуми, па во 2013 година наеднаш објави албум кој го носи нејзиното име, а во 2016 година само една недела претходно објави промотивна најава за албумот „Lemonade“.
Пејачката сепак вредно работеше во годините меѓу албумите, соработувајќи со сопругот Џеј Зи на албумот „Everything is Love“ од 2018 година и издавајќи албум од настапите во живо и филмот „Homecoming“ следната година.
Исто така, беше прикажан нејзиниот веќе легендарен настап на фестивалот Коачела во 2018 година, кој се смета за еден од најдобрите фестивалски изведби досега.
Нејзината песна „Black Parade“ беше вклучена и во „The Lion King“, што ѝ овозможи да го освои 28-то Греми, најмногу што една жена уметник некогаш освоила. Минатата година исто така сними една песна за филмот „King Richard“ која беше номинирана за Оскар.