Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Ексклузивни премиери од настапите на „Лајф Стрим“ на ЕГЗИТ, од 17 до 27 септември

Музика

Ексклузивни премиери од настапите на „Лајф Стрим“ на ЕГЗИТ, од 17 до 27 септември

По четири фантастични денови на Петроварадинската тврдина во Нови Сад, Егзитовиот „Лајф Стрим“, проектот реализиран во партнерство со Светската програма за храна на Обединетите нации, најголемата хуманитарна организација на светот, се подготвува да излезе пред милионскиот аудиториум ширум планетата.

Во два продолжени викенди, од 17 до 20 и од 24 до 27 септември, пристигнуваат ексклузивните премиери од просторот на водечката светска електронска бина, Денс Арената, на која претходниот викенд настапија некои од најголемите електронски изведувачи на светот, меѓу кои и Карл Кокс, Шарлот де Вит, Адам Бејер, Нина Кравиц, Бен Клок, Пол ван Дајк, „Офенбах“, Махмут Орхан, Сатори „лајв“, „Блек Кофи“, и многу други.

Првиот „тизер“ од овој настан, настапот на Шарлот де Вит, премиерно беше емитуван во саботата и достигна до сега веќе 600.000 прегледи, а во наредните денови се очекува бројката да надмине и преку милион гледачи. Овој настап силно одекна во светската музичка индустрија, како поради една од најспектакуларните продукции оваа година, така и поради фактот дека, додека поголемиот број светски фестивали годинава беа принудени на публиката да ѝ понудат виртуелни изданија, ЕГЗИТ меѓу ретките успеа со сите протоколи да реализира комплетен светски настан во живо.

Четвртокот, 17 септември, ќе ни ги претстави сетовите на Карл Кокс, Илија Ѓоковиќ и Лаг, а петокот „Офенбах“, Бурак Јетер и тандемот Диволи и Марквард. За сабота 19 септември подготвени се стримовите на Нина Кравиц, Марко Настиќ и „Спејс Моушн“, а за недела одличните Блек Кофи, Диџеј Тенис и Коес.

Вториот продолжен викенд ќе започне во четврток 24 септември со специјален сет со изненадувања, по кој ќе следуваат Марсел Детман и Тијана Т. Во петок пристигнуваат снимките од настапите на Махмут Орхан, Пол Ван Дајк, Вантиз и Лејди Ли, додека за сабота се запишани Адам Бејер, Бен Клок и Еце Екрен со која настапи и Милица Мајсторовиќ. Финалната вечер за онлајн изданието на „Лајф Стрим“ е резервирана за исклучителните сетови на Сатори лајв и „Хот Синс 82“, за потоа завршница на сѐ да биде снимката од специјалниот „бет-ту-бек“ настап на Кристијан Молнар и „Афтер Афер“.

Со тоа, најголемиот глобален фестивалски стрим-настан овој септември ќе покрие два долги викенда од средината на месецот, со снимките кои секогаш симболично ќе започнуваат во 20:20 часот. Сите стримови како и деталната саатница ќе можат да се следат на официјалниот веб-сајт, „ЈуТјуб“ каналот и „Фејсбук“ страницата на ЕГЗИТ фестивал, како и на веб-сајтот на „Лајф Стрим“. За време на онлајн изданијата ќе се емитуваат видео материјали и пораки кои говорат за еколошката мисија на проектот и работата на Светската програма за храна на ОН, додека помеѓу настапите ќе бидат претставени и бројни културни и туристички знаменитости на градот-домаќин Нови Сад и Србија. Исто така, публиката ќе биде повикана и директно да донира за Светската програма за храна на Обединетите нации преку нивната официјална интернет-страница.

Живото издание на „Лајф Стрим“ настанот за време на кое беа снимени сите настапи, се одржа од 3 до 6 септември. Во исклучително тешката задача, неспоредлива со било што досега, ЕГЗИТ покажа како, и во време на пандемија може да се организира целосно здравствено безбеден настан со светска продукција, за неколку стотини луѓе во публиката колку што беше дозволено со предвидените мерки, кои пак на Фестивалот беа и построги од оние пропишани од страна на Кризниот штаб во Србија.

„Лајф Стрим“, во партнерство со Светската програма за храна на ОН, со овој настан влезе во новата фаза на своето дејствување. Проектот, кој е покренат минатата година и кој заедно со Зелената Р:Еволуција претставува најголем еколошки потфат на Егзит до сега, со соработката со најголемата светска хуманитарна организација го прошири својот обем на делување, во кој покрај заштита на околината, се истакнува и проблемот со ставање крај на екстремниот глад за милиони луѓе ширум светот. Овој проблем е особено актуелен сега, со оглед на тоа дека пандемијата и мерките за карантин се проценува дека ќе го зголемат бројот на луѓе во проблем со екстремен глад за 80 отсто во однос на претходната година, а тоа се проценки за 270 милиони луѓе, за кои пак последиците ќе бидат најсурови кај оние кои и без тоа се во најранливите категории.

Главниот и одговорен уредник на веб порталот Популарно.мк. Ѓорги е перспективен новинар кој со својата креативност и талент го направи Популарно.мк дел од водечките информативни сајтови во Македонија. Во исто време е регионален известувач за CNN од Македонија и главен на продукцијата GPTM Production.

Повеќе од Музика

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.