Каролина со „Идила“ и официјално го најавува новиот албум (ВИДЕО)
Откако пред една недела го најави новиот албум, вечерва Каролина Гочева и официјално ја промовираше првата песна од новиот албум, насловена „Идила“.
По бројните заеднички настапи и соработки, со песната и официјално се промовира новиот албум на Каролина во соработка со Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски, на кој се застапени единаесет песни – преработки на едни од најубавите, подзаборавени композиции, чии оригинални автори се најмаркантните и најзначајни имиња во македонската забавна и џез музика: Драган Ѓаконовски- Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев и др.
Идејата за овој албум се роди во 2016та година, а оттогаш внимателно се работеше на неговиот концепт, бирање на композициите и создавање нови аранжмани, со фокус на тоа да им се даде „нов живот” на некои од најубавите песни на домашната забавна музика, во комплетно нови аранжмани.
Генијалноста на Дуке која се проткајува аранжмански низ сите единаесет нумери преку композицискиот јазик и пијаното, совршениот вокал на Каролина и импровизациската моќ низ кларинетот на Исмаил, се идеална комбинација за уште едно одлично издание кое веруваме дека ќе предизвика огромен интерес кај сите љубители на овој жанр, но и за пошироката публика.
Албумот се снимаше во јануари годинава во Македонската филхармонија.
Во меѓувреме, погледнете ја кратката најава од спотот за песната „Идила” чиј автор е Драган Ѓаконовски Шпато, кој ќе биде објавен деновиве, како најава за новиот албум, кој ќе биде достапен за сите наесен.