Пионерот на британскиот трип-хоп звук – TRICKY се враќа на ТАКСИРАТ ФЕСТИВАЛ #23
Еден од најкреативните музичари и визионери, пионерот на британскиот трип-хоп звук – Tricky, го вклучи Скопје како дел од својата годинашна турнеја. На 7-ми октомври 2021-ва, со соло концерт во склоп на 23-тото издание на Таксират Фестивал, Tricky ќе гостува во Младинскиот Културен Центар во Скопјe.
Врвниот британски музичар и продуцент Adrian Nicholas Matthews Thaws, познат по своето уметничко име “Tricky”, се смета за една од клучните фигури во развојот на андерграунд сцената во 90-тите. Со својот препознатлив вокал и уникатен хипнотички стил на продукција, Tricky станува составен елемент од електронската сцена во тоа време. Неговиот слоевит музички стил претставува мешавина од различни културни влијанија и жанрови како хип-хоп, алтернативен рок и рага.
Кариерата ја започнува како член на британската рап група The Wild Bunch, која подоцна прераснува во Massive Attack. Tricky е еден од основачките членови на групата заедно со Robert Del Naja, Grant Marshall & Andrew Vowles, а заедно работат на славните албуми „Blue Lines“, како и на нивното второ издание „Protection“.
Во 1995-та, го издава својот маестрален деби албум „Maxinquaye“, кој се смета за еден од најдобрите албуми на 90-тите години, поставувајќи ги темелите за неговата одлична соло кариера која сега веќе е во третата деценија. Преку неговите соработки со Massive Attack, PJ Harvey, Bjork, Martina Topley Bird и легендарните албуми како “Pre-Millennium Tension”, “Ununiform”, “FalseIdols” , “Blowback”, Tricky создава свој, уникатен и препознатлив звук, кој постојано успева да ја фасцинира публиката, а и музичките критичари.
На Таксират Фестивал ќе се претстави со неговиот најнов, 14-ти албум “Fall to Pieces” – издаден во 2020-та година, а снимен во Берлин на крајот на 2019 година, во еден мрачен период од животот на овој голем уметник. Тој успева болката да ја претвори во креативна сила која наоѓа излез преку тензичните синтови, дисторзираните тонови и мрачните текстови, а заедно со прекрасните вокали на Marta Złakowska, успева да го донесе слушателот уште поблиску до уникатниот звук кој само тој може да го создаде.
Чуден за некои, генијален за многумина, уникатен за сите – Tricky е творец кој остава белег на модерната музиката во последните три децении, па ни е огромна чест и задоволство што повторно ќе ни гостува во Скопје!
Продажбата на влезниците за соло концертот на Tricky ќе започне во среда (05.05.2021) на mktickets.mk.