Музика
„Поврзување“ – концерт на Македонската филхармонија
„Поврзување“ е насловен концертот на Македонската филхармонија, кој ќе се одржи овој четврток, 14 март во 20 часот. На програмата ќе бидат изведени, Интермецо од познатата опера на Џакомо Пучини, „Манон Леско“ (1892), Концертот за гитара и оркестар „Аранхуез“, најпознатото дело на шпанскиот композитор Хоакин Родриго (1901 – 1999) и Симфонија бр. 4, оп. 90,во А-дур, „Италијанска“ од германскиот композитор, пијанист и диригент Феликс Менделсон.
Диригент е маестра Бисера Чадловска, а како солист ќе настапи еден од најбараните гитаристи Рафаел Агире (Шпанија) на гитара.
Диригентката Бисера Чадловска (1978, Скопје), дипломира во 2001 година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, на oтсекот по оркестарско диригирање, во класата на проф. Фимчо Муратовски. Постдипломските студии по симфониско и оперско диригирање ги завршува на Државната музичка академија во Софија. По завршувањето на студиите почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет. Набрзо почнува да напредува и да асистира во подготовките на сите нови премиери на сцената на МОБ. По неколку години работа како хор-мајстор и асистент диригент, ја добива својата прва премиера – операта „Таен брак“од Доменико Чимароза, за отворањето на манифестација„Скопско лето“ во 2005 година. Како резултат на работата на оваа опера, добива стипендија од фондацијата CEE Eastern Musiktheater, со што ѝ се овозможува посета на семинари и настап со оперскиот оркестар од Темишвар, Романија. Потоа се редат голем број претстави од репертоарот на МОБ. Се докажува како оперски и балетски диригент и денес го диригира скоро целокупниот репертоар на сцената на МОБ. На сцената на МНТ, како диригент го поставува првиот лиценциран мјузикл во Македонија – „Чикаго“. Добитничка е на наградата „Георги Божиков“(2015) за континуирана изведба на дела од македонски композитори.
Рафаел Агире денес е еден од најбараните гитаристи, кој има освоено 13 први награди на значајни натпревари и настапувано во над 40 земји како солист. Минатата сезона реализираше турнеја во САД, меѓудругото и во „Карнеги хол“ во Њујорк, но дебитираше и во Кина, а настапи и со Прашката филхармонија, со Филхармонијата на Монте Карло, Националниот оркестар на Шпанија, премиерно изведувајќи го Концертот за гитара од познатиот современ композитор Јоан Валент. Секако, во неговата досегашна концертна кариера се вбројуваат настапи и во „Концертгебау“ во Амстердам, Фестивалот „Вербие“, „Чајковски“ во Москва, во Филхармонијата Елб во Хамбург, Кралскиот театар во Мадрид итн., а настапувал и со музичари од Берлинската филхармонија, пијанистот Ланг Ланг, сопранот Фатма Саид…, што е доволен репер на кое ниво е овој славен уметник. Рафаел Агире е посветен на проширување на репертоарот на инструментот што го свири, па така соработува со многу живи композитори кои пишуваат специјални дела за него, вклучувајќи и фламенко, шпанска популарна, латиноамериканска, поп- и филмска музика. Неговиот прв албум е рецитал издаден за RTVE Musica, а со германската издавачка куќа KSGEХ audio издаде албум со дела од Бах, Скарлати, Менделсон, Шуман, Дебиси, Равел и Гершвин, транскрибирани за гитара. Соработува со врвната виолончелистка Надеж Роша, со која го издаде „La Vida Breve“ за Ars Produktion. Значајна е неговата изведба на светската премиера на делото „Fulgores“ од Лоренцо Паоломо, за издавачката куќа Naxos, а скоро за Warner Classics издаде албум со сопранот Фатма Саид. Агире добива фантастични критики за неговите изведби, а исто така беше и номиниран за латинското „Греми“.