Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

„Пријателство“ – нов албум на Симон Трпчески за британски „Лин Рекордс“

Музика

„Пријателство“ – нов албум на Симон Трпчески за британски „Лин Рекордс“

Денеска (21 април), британската етикета „Лин Рекордс“ го објави најновиот албум на нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, насловен „Пријателство“ („Friendship“) и истиот е веќе достапен на дигиталните мрежи за преземање. На него, како што подвлекува издавачот, се наоѓаат „огнениот Квартет за пијано на Брамс бр. 3 во Це-мол, фантастичниот нов аранжман на прекрасното „Дивертименто“ на Конесон и триумфалниот квинтет во три става на Панде Шахов“.

Во изјавата за Македонското радио по овој повод, Трпчески подвлече: „Многу сум горд на овој албум бидејќи има еден посебен момент околу него, а тоа е што тој е реализиран во тежок и предизвикувачки период како за нас и за човештвото, така и за моите колеги со кои го снимавме. Ова е мој прв албум посветен на камерната музика и втор албум реализиран во времето на ковид. Мислам дека до некаде и самата музика во тој модерен и испреплетен јазик на Квинтетот на Панде Шахов опишува токму едно такво време особено со вториот став „Монистра“. Преку играта во првиот став и „Потокот“, третиот став, делото дава надеж – тоа што особено во тој период му недостасуваше на човештвото. Сметам дека неговиот уникатен и модерен музички јазик одлично ни доловува единствен современ класичен композитор каков што е Шахов, на страна се’ што направи со МАКЕДОНИСИМО и со другите свои дела. На неговиот Концерт одлично се надоврзува делото, секстет на францускиот композитор Гијом Конесон. Тој на нашиот перкусионист Влатко Нушев му даде специјална дозвола да направи аранжман соодветен за нашиот квинтет МАКЕДОНИСИМО на кој му се приклучи и феноменалниот виолист Сорин Спасинович од Романија, кој е пак по потекло од Тетово. Аранжманот на Нушев пријатно го изненади и самиот Конесон, претставник на младата генерација современи француски класични композитори, чие многу ефектно дело одлично го прифати публиката кога го свиревме во Лондон или во Словенија, а допрва ќе го свириме и на други места.

Во секој случај, главниот стожер на овој албум е Третиот квартет на Јоханес Брамс што изобилува со исклучителна драма и интензитет на емоции и го содржи еден од најубавите ставови што Брамс воопшто ги има напишано, третиот, еден израз на чиста љубов со прекрасната тема на виолончелото. Тука се и драматичната игра на шегобијното скерцо и четвртиот став што дозата на немир ја прилагодува и насочува кон позитивен финиш како зрак надеж. Затоа и сметам дека сиот овој напор што го направивме ние музичарите и еве со поддршка на „Лин Рекордс“ што го реализира овој албум во онлајн верзија, вредеше. Сакам да им се заблагодарам на трпението, усилбите и вербата на нашите музичари од тимот: во исклучително ограничени услови виолинистот Ѓорѓи Димчевски дојде од Шпанија, кларинетистот Хидан Мамудов од Австрија, виолончелистот Александар Сомов од Франција, виолистот Сорин Спасинович од Швајцарија, а јас и Влатко бевме во Скопје. Благодарност за организациските усилби и до КултурОп и мојот лондонски менаџмент, за сите луѓе кои помагаа за големиот број неопходни дозволи, како и до Македонската радио телевизија и директорот Марјан Цветковски кои ми направија чест дури половина од материјалот на албумот да го снимиме токму во култното М-1 студио на МРТ, на кое за овие потреби му беше вратен сјајот и уште еднаш го препознавме квалитетот на незаборавните студија во Куќата на Македонското радио. Затоа сметам дека заедништвото покажа огромен резултат и во такви тешки времиња кога особено беше тешко да се патува. Му благодарам и на моето семејство кое се грижеше во едно такво опкружување да ги одржува сите музичари „во форма“. Насловната страна е уметничкото дело на мојот драг колега по уметност, Славчо Спировски чија огнена димензија дава уште посилна порака дека сите заедно можеме да се избориме за подобро утре.“ изјави Трпчески.

Нашиот пијанист во моментов е во Соединетите американски држави каде што го очекува серијата концерти што ќе стартува во Денвер, а исполнетиот распоред до крајот на мај го води и во Сараево, Целје, Билбао и Женева.

Повеќе од Музика

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.