Роденденски концерт со врвната Анастасија Кобекина
Филхармонија в четврток во 20 часот ќе го одржи својот роденденски концерт насловен „Колаж“ на кој како солист ќе настапи руската виолончелистка Анастасија Кобекина, а диригент е маестро Габриел Бебешелеа од Романија. На програмата се Концертот за виолончело и оркестар бр.1 во а-мол, оп.33 од Камиј Сен -Санс и Симфонија бр.1 во Це-дур, оп.19 од Карл Марија Вебер.Концертот е во рамки на манифестацијата „Есенски музички свечености“.
Францускиот композитор Камиј Сен-Санс (1835-1921) е исклучителна фигура во историјата на музиката. Бил модернист како млад, а во подоцнежниот опус им се навратил на големите мајстори од минатото – тие се чувствуваат како далечно ехо во неговиот музички опус. Бил романтичар, но и неокласичар. Когаго напишал првиот Концерт за виолончело во 1872 година се уште бил контроверзна фигура во француските музички кругови, каде важел за модерен радикален композитор и почитувач на Вагнер. Бил млад и успешен, а Хектор Берлиоз неговиот три децении постар колега и ривал во една прилика рекол дека „Сен-Санс знае се, но му недостасува неискуство“.
Карл Марија фон Вебер (1786-1826) е германски композитор, диригент, виртуоз, новелисти и една од најзначајните фигури на германскиот романтизам. Неговата опера „Волшебниот стрелец“ од 1821 година, веднаш по премиерата ја поттикнала имагинацијата на публиката во Европа, како трансформативен настан во историјата на романтизмот кој внел нова сензибилност во музиката. Неговите увертири „Евријанте“ и „Оберон“ се стандарден репертоар на симфониските оркестри денеска. Делата на Вебер биле инспирација за Вагнер, Лист, Глинка, Хиндемит… Симфонијата број 1 е ран обид за креирање супериорна драма и мелодија кои се типични за неговиот подоцнежен опус. Ја напишал во периодот меѓу 1806-1807 година кога работел во дворот на војводата Еуген Фридрих Хајнрих од Вутемберг.
Анастасија Кобекина (1994) својот прв час по виолончело го имала на четири години. Во 2006 година таа почнува да учи чело во класата на Олга Галокина на Московскиот конзерваториум.Вниманието на руската јавност го привлекува кога ја добива првата награда на ТВ натпреварот „Оревокршачка“ и „Нови имиња“ во Москва. Во 2008 година е финалист на Евровизискиот натпревар на млади музичари во Виена. Во 2010 година ја добива наградата „Хесе“ која вклучува и мастер клас со Дејвид Герингас во Кронберг. Во 2012 година ја добива стипендијата „Борис Пергаменшиков“ за мастер клас на академијата во Кроберг. Настапувала во водечките концертни сали во Москва, Берлин, Виена, Брисел, како и во Тел Авив на отворањето на Рускиот културен центар. Како солист свирела со оркестри како „Московски виртуози“, Симфонискиот оркестар „Чајковски“ од Москва, со Виенскиот симфониски оркестар, со Литванската национална филхармонија. Младата виолончелистка свири на иснтрумент направен од Стефан вон Баер во 2012 година. Во 2011 и 2013 година Кобекина учествува на фестивалот кој го организира академијата во Кронберг. Од 2012 година таа студира како млад солист на академијата Кронберг со Франс Хелмерсон. Таа беше и полуфиналист на натпреварот „Чајковски“ во Москва во 2015 година.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на Филхармонија на Р.С. Македонија. Неговата репутација брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Со Симфонискиот оркестар на Берлинското радио тој сними ЦД со сè уште необјавената опера на Жорж Енеску – „Духови“, како и со неговата „Пасторала-фантазија за мал оркестар“. На 30-годишна возраст, маестро Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), како и на прва награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011), а тој е и полуфиналист на натпреварот за диригенти „Донатела Флик“ на Лондонскиот симфониски оркестар (2014) и полуфиналист на натпреварот „Густав Малер“ со Бамберг Симфонискиот оркестар (2016). Во 2011 година, ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.
Оркестарот на Филхармонија е формиран на 24 ноември 1944 година, веднаш по завршетокот на Втората светска војна, и само 11 дена по ослободувањето на Скопје.Во изминативе 76 години Филхармонија активно музицира, изведувајќи комплексни дела, со врвни солисти и диригенти кои во моментов се актуелни на светската музичка сцена.Филхармонија е единствена институција во земјава која го афирмирира и изведува симфониското музичко творештво. Преку редовните концерти ја етаблира и промовира класичната музика, приближувајќи ѝ ја оваа форма на музицирање на разнородна публика од различни генерации.