Шест македонски радио-станици, во чест на Аки ќе го емитуваат новиот сингл на „Парни ваљак“
Денес, четврток, 27.01. во 15 часот, во време кога во Загреб ќе се одржува церемонијата на испраќањето на Аки, премиерно на шест радио станици Радио Бубамара, Метрополис Радио Мрежа, Скај радио, Супер радио од Охрид, како и на две интернет-радио станици – Анторис радио и радио Мост Радио Бубамара ќе го слушнете последниот сингл на „Парни ваљак“ – песната „Поново“, последната песна на Аки Рахимовски.
Текстот и музиката за синглот „Поново“ се напишани од Хусеин Хасанефендиќ Хус, кој заедно со Аки создаде совршена симбиоза, која пак песните на „Парни ваљак“ ги претвори во безвременски хитови за сите генерации.
Кроација рекордс и „Парни ваљак“ во спомен на Аки ја покренаа иницијативата преку која, на посебен начин, се простуваат од неповторливиот пејач. Повеќе од 150 регионални радио-станици во исто време ќе го емитуваат синглот, и на тој начин, ќе испратат последен поздрав до музичкиот великан.
-Најзначајниот рок бенд на нашите простори со песната „Поново“ се збогува со човекот чиј живот беше музиката, кој со својата неуништлива енергија стана синоним за врвен фронтмен и пример за генерации. Аки наеднаш не напушти, но неговиот дух и глас ќе останат засекогаш впишани во сите нас кои пораснавме со „Парни ваљак“, се заљубивме, се смеевме и плачевме – се вели во заедничкото соопштение на Кроација рекордс и на „Парни ваљак“.