Музика
Трпчески и пријателите низ Балканот со „Македонисимо“
Трпчески, Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев денеска ќе настапат во Загреб, Хрватска.
По концертите со Симфонискиот оркестар на Квебек во Канада на крајот од минатиот месец и гостувањата со рецитал во Мајнц, Германија, со Филхармонискиот оркестар на Монте Карло во Монако (каде што со голем успех и блескави критики ја стартуваше резиденцијалната серија од 4 различни концертни возбудувања во текот на сезонава) и трите настапи со Симфонискиот оркестар на Детроит во овој американски град, нашиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, продолжува со балкански концерти на кои со своите пријатели ќе го изведе проектот МАКЕДОНИСИМО.
Трпчески, Краповски, Сомов, Мамудов и Нушев во овој концертен циклус вчера (23 октомври) настапија во Сомбор, Србија, денеска (24 октомври) продолжуваат во концертната сала „Ватрослав Лисински“ во Загреб, Хрватска, на 26 октомври се враќаат во Србија за гостувањето на Фестивалот НОМУС во Нови Сад, заокружувајќи ја серијата со концерт во Темишвар, Романија на 28-ми овој месец.
Нашиот пијанист веќе наредниот месец е на турнеја во Австралија, а исполнетиот распоред до крајот на годинава, како што информира „КултурОп“, го води и на концертите со Лондонскиот симфониски оркестар и повторната соработка со прославениот диригент Џанандреа Нозеда.