Музика
„Жените не плачат повеќе“: Шакира по 7 години објавува нов албум
12-тиот студиски албум на Шакира, „Las Mujeres Ya No Lloran“ (Жените не плачат повеќе) ќе биде објавен на 22 март.
Ова е нејзиниот прв албум по седум години, по објавувањето на музичкиот проект „El Dorado“ и е доказ за издржливоста и силата на Шакира, добитничка на Греми и Латински Греми, и моќта на музиката да ги трансформира и најтешките искуства во драгоцени моменти.
„Мојот нов албум, кој излегува на 22 март, е албум кој го создадовме заедно со сите вас, мојата глутница волчици кои беа тука за мене на секој чекор од патот. Создавањето на овој албум беше алхемиски процес. Додека ја пишував секоја песна, наново се градев себеси. Додека ги пеам песните, солзите ми се претвораат во дијаманти, а мојата ранливост во сила“ – напиша Шакира.
Новиот албум вклучува 16 песни – 8 нови, плус ремикс и 7 претходно објавени хит синглови, меѓу кои: „Music Sessions Vol. 53“ со Бизарап, „TQG“ со Карол Џи, „Te Felicito“ со Рау Алехандро. Седумте претходно објавени песни веќе имаат вкупно 3,7 милијарди стримови на Spotify.
„TQG“ и „Music Sessions Vol. 53“ дебитираа на глобално ниво на првото место на топ 50 листата на Spotify. Vol. 53 е најстримуваната песна на шпански јазик во еден ден во историјата на Spotify. Шакира и Бизарап, исто така, освоија латино Греми во 2023 година за песна на годината и најдобра поп песна.