МК Сцена
НА 5 ОКТОМВРИ НА ПЛОШТАД: Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше
По деветти пат, фан-клубот на Тоше Проески го организира традиционалниот собир „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“, кое ќе се одржи во среда, 5-ти октомври, на плоштадот „Македонија“.
Како и останатите години, и годинава организаторите имаат изненадување за верните обожаватели на Проески, па овој пат присутните ќе имаат можност да погледнат ексклузивна снимка на една од неговите песни пред да стане дует, односно изведена само од него.
Манифестацијата се одржува од 2008 година во чест и сеќавање на последниот концерт на македонската музичка легенда Тоше Проески (1981-2007) и оттогаш секоја година на овој датум на плоштадот во главниот град се пеат неговите песни.
На 5 октомври 2007 година Тоше го одржа последниот концерт на Градскиот стадион во Скопје, кој беше хуманитарен и во соработка со УСАИД наменет за подобрување на условите во училиштата.
На тој концерт Тоше го промовираше и последниот албум „Игри без граници“. По 11 дена, утрото на 16 октомври 2007, Тоше загина во сообраќајна несреќа на пат кон Хрватска, на 26-годишна возраст.