6 причини зошто сакаш да учествуваш на Стартап Викенд Скопје!
Стартап Викенд Скопје – настан кој е поддржан од Techstars и Google for Entrepreneurs, оваа година ќе се одржи на викендот од 29 ноември до 1 декември во Инофеит.
Сите идни претприемачи кои ќе учествуваат ќе имаат многу забавни и динамични 54 часа, кои ќе ги искористат да направат нешто што досега никогаш не ги направиле: ќе започнат стартап. Покрај тоа, ќе стекнат нови познанства и ќе научат нови вештини.
За да учествувате, пријавете се индивидуално или со тим на овој линк. Има само 50 слободни места, затоа побрзајте и обезбедете го вашето место!
Доколку сѐ уште не сте убедени дека Стартап Викенд е местото каде што треба да бидете на викендот 29 ноември – 1 декември, еве уште 6 причини зошто дефинитивно треба да се пријавите и да учествувате:
- Остварете го сонот на секоја добра бизнис идеја
Стартап Викенд е безбедно место за споделување на идеите, нивна разработка и можност за реализација – и тоа за само 54 часа. Покрај тоа, идејата ќе ја надополнат и подобрат другите учесници, како и експертите од различни полиња кои ќе бидат ментори за време на настанот. Навистина, Стартап Викенд е местото за кое добрите идеи сонуваат. Ваше е да го исполните тој сон.
- Да се почне или не, прашањето е сега
Најтешкото е секогаш да се почне и да се проба. Сите се плашиме од неуспех, но ако не се обидеме, нема ни да успееме. Учесниците на Стартап Викенд ќе имаат можност да го започнат процесот на реализирање на својата идеја, и тоа во идеални услови: со поддршка од искусни професионалци, во многу продуктивна атмосфера, и опкружени со други ентузијасти и генијалци. А оние тимови кои ќе ги имаат најдобрите идеи, овие 54 часа навистина можат да им го променат животот. И вашата идеја може да биде победничката!
- Колку е голема твојата мрежа?
Остварувањето на контакт со индивидуи кои веќе изградиле свој успешен бизнис не е лесно, а токму тие би можеле да бидат многу корисен советник, партнер, па дури и потенцијален инвеститор. На Стартап Викенд, овие навидум недостапни луѓе стануваат достапни, и тие ќе бидат таму со цел и желба да им помогнат на сите учесници. Искористете ја оваа уникатна можност да стекнете вредни контакти и да ја проширите вашата професионална мрежа.
- Фидбек како никогаш до сега
Експертите кои ќе бидат дел од Стартап Викенд, нивните совети, искуства и професионални мислења ќе им бидат достапни на сите тимови. Ова е навистина шанса која не треба да се пропушти, затоа што самата поддршка, критика или совет од овие индивидуи е бесценета, а учесниците ќе ги имаат на располагање за време на целиот настан.
- Од колаборација до корпорација
Во самото срце на секој успешен бизнис стои група на луѓе кои ги здружиле своите идеи, искуства, знаења и контакти со цел да создадат нешто поголемо од нив. На Стартап Викенд сите присутни имаат претприемачки дух, и сакаат да ги употребат своите знаења и вештини за да реализираат нешто поголемо од себе. На Стартап Викенд сите имаат шанса да ги реализираат своите соништа, и да добијат поддршка и ентузијазам од другите учесници.
- Учењето не се случува само во училиште
Сите знаеме дека најдобро се учи од искуство. За време на Стартап Викенд учесниците учат многу, на различни теми, и на различни начини. Тие ќе научат како функционираат стартапите, кои се новите иновации и трендови во светот на технологијата и бизнисот, и за луѓето во светот на иновациите. Замислете дека сте сунѓер и дојдете на Стартап Викенд за да впиете што е можно повеќе од сето знаење што ќе го исполни просторот.
Доколку сакате да дознаете повеќе, тука може да ги најдете одговорите на најчесто поставуваните прашања, и секако да го обезбедите вашето место на Стартап Викенд Скопје!