Настани
Бајага го одложи концертот во Скопје: „Оваа недела нека биде недела на тишината“
Концертот на српскиот музичар Бајага и неговиот бенд „Инструктори“, кој требаше да се одржи на 9 декември во салата „Јана Сандански“ во Скопје, е одложен за 23 декември, објави „Авалон“.
„За жал, во моментов сите ние oд Авалон, а сигурни сме дека и сите вие кои имате купено влезници за концертот на Бајага & Инструктори чувствуваме едно исто: дека не сме способни за било какво славење на животот и музиката оваа недела, после тажните информации кои синоќа излегоа на виделина, а утрово се потврдија. Се одлучивме да го презакажеме концертот за нов датум не од аспект на некаква социјална одговорност, впрочем, концертот требаше да се одржи за 6 дена од сега и се разбира дека до тогаш животот нормално ќе продолжи. Уште помалку се одлучивме на овој чекор од некакви рационални причини, бидејќи влезниците се секако пред распродавање. На овој чекор се одлучивме од чисто човечки причини и на тоа не’ натераа: почитта према двајцата насилно починати, сочувството према нивните семејства и најблиски, но пред се’, тагата која во моментов ја чувствуваме, a e така видлива кај сите нас кои живееме во оваа држава. Веруваме дека сите се разбираме околу претходно напишаното“, изјавија од Авалон.
На сите оние на кои како термин не им одговара 23ти декември, влезниците ќе им бидат во целост рефундирани. За сите останати, досега купените влезници ќе важат за новиот датум, а кога ќе бидат пуштени во продажба преостанатите влезници за 23ти декември ќе бидете наскоро информирани.
Со концертот на Бајага & Инструктори во Јане Сандански на 9ти декември требаше да започне месецот на прослава на ,,30 години Авалон Продукција”.