Настани
Black Eyed Peas, Gucci Mane, Tom Morello, Carl Cox и Bonobo ги предводат првите 24 имиња за EXIT 2024!
Најголемиот музички фестивал во нашиов регион, ЕГЗИТ Фестивал штотуку ги претстави првите 24 имиња за своето следно издание, „EXIT Starseeds“, кое го предводат поп-рап иконите и еден од најуспешните музички состави на сите времиња „Black Eyed Peas“, еден од најиновативните гитаристи на светот и движечката сила на групата „Rage Against the Machine“, Том Морело, и основоположникот на глобалниот трап звук Гучи Мејн!
На Денс Арена пристигнува најпопуларниот диџеј на сите времиња, според многумина и самиот симбол на оваа професија – Карл Кокс, а му се придружуваат големот „Bonobo“, берлинската диџејска ѕвезда и продуцент „Klangkuenstler“, „Sama’ Abdulhadi“, „Barry Can’t Swim“, „Franky Wah“ и „Mene“! На „Тесла Универзум“ бината ќе настапат и водечките уметници на новата генерација Кенија Грејс и „Iniko“, популарниот британски состав „Rudimental“, поп и соул сензацијата Џон Њуман, незапирливите „The Exploited“, австралискиот визионер „Dub FX“, хитмејкерите Вили Вилијам, Ијан Ашер и Стив Анџело и водечката регионална сензација „Joker Out“.
Познати се и првите имиња на „Фјужн“ бината – грчкиот состав „Villagers of Ioannina City“ и чешкиот синт-поп бенд „Lakeside X“, додека жестокиот звук на „Експлозив“ бината ќе го донесат швајцарскиот треш-метал состав „Coroner“ и „Nemesis“! EXIT Starseeds, под слоганот Да ги разбудиме нашите супермоќи заедно, ќе биде одржан од 10 до 14 јули, со нулти ден резервиран за посебниот „Starseeds Takeover“ перформанс на „Тесла Универзум“ бината.
Во Србија за прв пат пристигнуваат поп-рап иконите Black Eyed Peas, кои со неверојатни 80 милиони продадени албуми претставуваат еден од најуспешните музички состави на сите времиња! Со својата богата колекција платинести албуми освоија дури 59 најпрестижни музички награди, од кои шест „Греми“, осум „Американ Мјузик“ и две „Билборд“ награди. Творците на незаобиколните Р’н’Б, хип хоп и денс химни, како „My Humps“ и „Pump It“, сингловите „I Gotta Feeling“ и „Boom Boom Pow“ со кои се запишаа во историјата како еден од малкубројните изведувачи кои истовремено ги освоија првото и второто место на „Билборд Хот 100“ листата, но и хитовите со понов датум меѓу кои се „Girl Like Me“ и „Don’t You Worry“ со Шакира, го зациментираа својот статус на вонвременски светски ѕвезди и без сомнеж ќе ја разиграат цела публика на EXIT фестивалот!
За прв пат на Петроварадинската тврдина ќе загрмат и рифовите на култната „Killing in the Name“, директно од Том Морело, коосновачот и главен автор на повеќето албуми на Rage Against the Machine! Еден од најиновативните гитаристи на денешницата за време на богатата кариера собира имперсивна низа соработници како што се Брус Спрингстин, Рза и Џза од Wu-Tang Clan, The Prodigy, Еди Ведер, Bring Me the Horizon и Крис Степлтон. Со низата соработки покажува широк жанровски диверзитет, додека со неконвенционалните техники на свирење, единствениот музички израз и карактеристичното користење на ефекти создава свој сопствен јазик, комбинирајќи рок, рап и електронски елементи.
На главната „Тесла Универзум“ бина пристигнува и неприкосновениот Гучи Мејн, еден од клучните актери кој трапот го направи планетарно доминантен музички правец на денешницата. Армијата негови фанови брои повеќе од четириесет милиони следбеници на социјалните мрежи, додека стримовите на неговите песни се бројат со десетици милијарди! Албумот „Everybody Looking“ и синглот „Black Beatles“ ги освоија врвовите на Билборд листата, а колку е омилен меѓу колегите потврдува и соработката со најголемите светски ѕвезди меѓу кои се Д Викнд, Дрејк, Лил Вејн, Крис Браун, Селена Гомез, Мараја Кери, Ашер, Бруно Марс и низа други.
„Овде мораш да пушташ музика директно од душата, да бидеш она што си и тоа е навистина посебно кај Егзит!“ – кажа своевремено Карл Кокс, според многумина најголемиот диџеј на сите времиња, симболот на оваа професија и крал на електронската сцена, кој по пет години се враќа на Денс Арена со тричасовен сет! Неговата завршница на Денс Арената во 2009 и настапот деценија подоцна останаа во сеќавање како едни од највпечатливите случувања во историјата на електронската сцена, а следната година, првиот фестивалски ден, оваа жива легенда зад микс-пултот, повторно пристигнува пред „најексплозивната публика“, како што самиот лично ја нарече во едно од бројните интервјуа во кои говори за Егзит!
На барање на многубројните фанови, премиерно доаѓа Bonobo, маестрото на комбинирање различни музички правци и хедлајнер на најголемите светски фестивали! Зад себе има дури пет Греми номинации, од кои две само оваа година, може да се пофали со настап пред два милиони луѓе во рамки на „Migration“ турнејата во 2017 година, а истоимениот лонгплеј го освои врвот на Билбордовата листа на најдобри денс албуми. Na Денс Арена ќе настапи и британскиот продуцент и диџеј Barry Can’t Swim, првиот фестивалски ден духот на најдобриот берлински клабинг ќе го донесе KlangKuenstler, а одлични сетови ќе испорачаат и Sama’ Abdulhadi, Franky Wah и Mene.
На главната бина пристигнуваат и водечките уметници на новата генерација Kenya Grace и Iniko, енергичниот колектив Rudimental, кој се искачи на самиот врв на светската музичка сцена со хит сингловите „Feel The Love“ и „Waiting All Night“, како и британската поп и соул сензација „тешка“ повеќе од две милијарди стримови John Newman. Жестокиот гитарски звук на Tesla Universe бината ќе го засилат незапирливите The Exploited, а им се придружува и австралискиот визионер Dub FX. За најголемите денс хитови ќе бидат задолжени Willy William, Ian Asher и Steve Angello, додека засилување носи и водечката регионална сензација Joker Out!
На Егзитовата мултижанровска раскрсница, култната Visa Fusion бина, пристигнуваат грчкиот рок состав Villagers of Ioannina City и чешкиот синт-поп бенд Lakeside X, додека најжестокиот звук традиционално е резервиран за Explosive бината, чии први имиња се швајцарскиот треш-метал бенд Coroner и женскиот дет-метал состав Nemesis.
Следното издание на EXIT фестивалот, со темата EXIT Starseeds и слоганот „Да ги разбудиме нашите супермоќи заедно“, ќе биде одржано 10 до 14 јули 2024 на Петроварадинската тврдина, со нулти ден резервиран за посебниот Starseeds Takeover перформанс на Tesla Universe бината. Четиридневните влезници со промотивна цена од 3999 денари и заштеда од 50% достапни се на сајтот на EXIT фестивал, како и на МкТикетс.