Настани
Целовечерен концерт на Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски во Филхармонија
Голем концерт на нашите вонсериски музичари со долгогодишна кариера на интернационалната сцена, Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски, кои по девет години пауза, повторно ќе настапат заедно на сцената на Македонската Филхармонија. Нивниот целовечерен концерт ќе се одржи на 16 февруари со почеток во 19:30 часот, а на програмата ќе бидат авторски композиции и преработки на македонска изворна музика, во едно ново уникатно издание, со интимен карактер и модерна аранжманска структура и изведба.
Извонредниот талент на тројцата врвни претставници на македонската музика одамна ја има својата потврда на светската сцена, а имињата на Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски и Исмаил Лумановски се запишани и зад едни од најраскошните, маестрални концертни доживувања кај нас. Покрај меѓународниот успех и соработки, како музички уметници и автори, нив ги поврзува безвременоста на музиката која ја создаваат со фантастичен сензибилитет и оригиналноста во нивните беспрекорни изведби.
Во среда, (24 јануари) во 10 часот наутро започнува продажбата на влезниците за концертот, со цени кои почнуваат од 1,200 денари, а ќе бидат достапни во сите продажни места на МкТикетс и онлајн на овој линк.
Дуке Бојаџиев, пијано
Дуке Бојаџиев е македонски композитор на филмска музика и пианист, кој од 2001 година живее и работи во Њујорк. Тој има дипломирано на Медицинскиот Факултет во Скопје, а потоа на музичкиот колеџ „Беркли“ во Бостон. Низ неговата интернационална кариера во светот на филмската музика, Дуке има работено со добитници на Оскар како Џонатан Деми и Данис Тановиќ, со Тамара Котевска, Рајко Грлиќ и Столе Попов. Неговата музика е користена за светски кампањи на брендови како „Пежо“, „Ланком“ и „Лореал“, разни светски компилации како „Буда Бар“ и „Маракеш Експрес“. Има работено со артисти како Синди Лопер и Телепоп Мјузик, а има настапувано во светски дворани, меѓу кои Карнеги Хол во Њујорк, Авалон Театар во Лос Анџелес и Античкиот Театар во Охрид. www.dukeb.com
Крсте Роџевски, вокал
Крсте Роџевски е вокалист и гитарист кој повеќе од дваесет години живее и работи во Њујорк. Неговата музичка кариера започна во родната Битола во музичка формација од која подоцна, покрај неговата соло кариера, ќе настанат бендовите Фолтин и Љубојна. Пошироката публика го познава по соработката со Дуке Бојаџиев на неговиот албум „Љубовта е патот“ и филмовите „До Балчак“ на Столе Попов, „Сенки“ на Милчо Манчевски и „Војната заврши“ на Митко Панов. Добрите познавачи на џез/фолк сцената во светот, пак, го познаваат и по неговите шест оригинални авторски објави, издадени за дискографските куќи Much Prefer Records, MOD Reloaded, Point of Entry, и Defkaz, во последнава деценија : „Batania“ (2015), „Bitter Almonds“ (2017), „The Rabbit And the Fallen Sycamore” (2018), „Hubris“ (2020), Fair Weather Friends (2022) и Black Earth (2023).
Исмаил Лумановски- кларинет
Извонредниот кларинетист Исмаил Лумановски е музичка сила на страст и динамична виртуозност. Веќе од меѓународно значење, неговиот синергетски спој на природен талент и обука го комбинира духот на народната музика со дисциплината на класичната музика. Неговите изведби широко ја привлекоа светската критика. Њујорк Тајмс напиша за неговата изведба со Пјер Булез, „солистот – брилијантниот, бестрашен кларинетист Исмаил Лумановски – се усогласи со различни инструментални контингенти на големиот ансамбл“. Лумановски ја имаше привилегијата да настапува како солист со безброј извонредни музичари и оркестри помеѓу кои: Die Deutsche Kammerphilharmonie, The Berklee Middle Eastern Fusion Ensemble, New Juilliard Ensemble, World Youth Symphony Orchestra, Qatar Philharmonie, Lucerne Festival Orchestra, Geneva Camerata, Macedonian Philharmonic Orchestra. Исмаил Лумановски дипломира и магистрира на престижниот „The Juilliard School“.