Настани
Добитникот на специјалната награда на Карлови Вари, „Сестри” на Дина Дума го отвора Манаки
Со проекција на македонскиот филм СЕСТРИ/SISTERHOOD на 16 септември ќе започне годинешното 42. издание на ИФФК „Браќа Манаки“.
Фестивалската публика во Битола, ќе биде првата која ќе го погледне филмот, кој штотуку учествуваше на еден од најпрестижните филмски фестивали во светот – Карлови Вари, освојувајќи ја „Специјалната награда од жирито“ во програмата „Источно од западот“. Ова е прв долгометражен филм на режисерката Дина Дума и кинематогаферот Наум Доксевски и филмот влегува во официјалната конкуренција за наградата „Златна камера 300“ на 42. ИФФК „БРАЌА МАНАКИ“.
Филмот ни открива едно тинејџерско друштво, во кое поважно е да се забавуваат следбениците на социјалните мрежи, отколку да се негува нормално пријателство.
Визуелизацијата е една од најсилните страни на овој филм, особено во сцените снимени во водата, a зрнестата структура која доминира во фотографијата со својот ретро шмек како да се спротиставува на дигиталната острина на милионите филтрирани хиперреалистични фотографии од мобилните телефони кои младите дневно ги објавуваат на социјалните мрежи.
Главните улоги ги толкуваат Антонија Белазелкоска (Маја), Миа Жиро (Јана), Ханис Багашов, Мај-Линда Косумовиќ и Верица Недеска. Продуцент на филмот е Марија Димитрова, сценариото го потпишуваат Дина Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата е на Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите се на Роза Трајческа-Ристовска, шминката на Жанета Димитриевска, музиката е на Игор Василев-Новоградска, а дизајнот на звук на Ристо Алчинов.
Режисерката Дина Дума и кинематограферот Наум Доксевски се веќе авторски тандем: во 2017 година со нивниот краток филм ТИЕ ДОЈДОА ОД ЦЕНТАРОТ НА СВЕТОТ (They Come from the Center of the World) беа дел од натпреварувачката компетиција на ИФФК „Браќа Манаки“ за „Мала златна камера 300“ во програмата на кратки играни филмови.
СЕСТРИ е копродукција помеѓу С. Македонија, Црна Гора и Косово.