Настани
Документарец за Карлос Сантана вечерва го отвора фестивалот „Скопје синема сити“
Со филмот „Карлос“ во режија на Руди Валдез, посветен на големата гитарска легенда Карлос Сантана, вечерва во 21 часот во киното „Мирно лето“ во Кинотеката, ќе биде означен почетокот на филмската програма на јубилејносто 10. издание на фестивалот „Скопје синема сити“.
Документарниот филм на Руди Валдез, „Карлос“, претставува портрет на Сантана и како јавна и приватна личност, од дете во Мексико па се до најголемите стадиони на светот.
Карлос Сантана е легендарна личност во светот на музиката. Познат по својот спој на латино рок и блуз, кои за прв пат ја пленела публиката кај Филмор во Сан Франциско а потоа на Вудсток во 1969 година. Неговиот уникатен звук и импровизирачки стил веќе половина век ги трансцендираат границите.
„Ова патување започна како визија и страст за музиката и филмската уметност, и денес, по десет години, повторно сме тука“, вели Ненад Георгиевски, организатор на фестивалот.
„Скопје синема сити“ е филмски фестивал на музички документарни филмови. Програмата на фестивалот е поделена во два дела – изложба на фотографии што веќе е отворена во „Мала станица“, како и филмската програма што започнува од вечерва.
Утревечер на програмата ќе бидат „Ајде да се изгубиме: Чет Бејкер“ и „Џо Страмер, Иднината е ненапишана“. Земја во фокус годинава е Полска, а фестивалот ќе организира омаж на опусот на Грегор Брзозович. Авторот ќе биде и гостин на фестивалот, а со него ќе биде организиран и разговор на 3 јули во 21.15 часот.
Последната вечер на фестивалот ќе биде посветена на македонски филмови. Ќе бидат прикажани „Лука“ ворежија Ице Виранов. Ќе бидат промовирани две изданија – „Филмска објектологија“ на Васил Михаил и „Биографија на Тале Огненовски“ на Благојче Трајковски. Ќе биде прикажан и филмот посветен на Огненовски.
Артист во фокус за оваа година е полскиот филмски композитор Збигњев Прајснер кому му е доделена наградата за животно дело.