Настани
„ЕДНА ЉУБОВ“ по трет пат ги обединува Македонија и Бугарија (ФОТО)
Патувачкиот караван на фестивалот „One Love Tour“ трета година по ред ќе се одржи од 20 јули до 5 октомври во 7 града во Македонија и Бугарија.
Ова беше соопштено на медиумската конференција што се одржа денеска во хотелот „Маринела“ во Софија, каде што присуствуваа организаторите од двете земји и дел од изведувачите што ќе настапуваат на фестивалот, меѓу кои Марко Маринковиќ – Слаткаристика, чија агенција „Иноватива груп“ е еден од организаторите, како и братското дуо „Некст тајм“.
– „Навистина многу се трудиме овој фестивал да функционира веќе трета година по ред и сакам да испратам голема благодарност до сите за големата поддршка. Минатата година отворањето на фестивалот беше во Скопје, за што сум многу горда, а оваа година најголемиот настан е предвиден да се одржи во Струмица. Новитет оваа година е додавањето на градот Крива Паланка на фестивалската мапа. Освен големите македонски ѕвезди Некст Тајм, Џамбо Ангушев и Слаткаристика, новитет оваа година се младите момци од 2 Бона и јутјуберите ЏП и Стефонатор“ – изјави Сања Николиќ Маринковиќ, дел од организацијата.
„Една љубов 2019“ ќе започне од Банско, каде што посетителите ќе уживаат со богатата програма на 20 јули, потоа на ред е Струмица на 15 август, Крива Паланка на 25 август, Бургас на 7 септември, Варна на 14 септември, Скопје на 21 септември и ќе заврши на 5 октомври во Стара Загора.
– „Една од најважните работи за овој фестивал и турнеја се дуетите во кои верувам лично. Се радувам дека имаме видливи резултати и се повеќе македонски артисти прават музика со бугарски артисти, доаѓа тој успех што сме го замислиле на самиот старт и се надевам дека ќе има се повеќе уметници кои заеднички ќе креираат од нашите земји.“ – додаде Марко Маринковиќ.
Како што велат организаторите, Македонија и Бугарија се едни од најблиските балкански држави, не само преку заедничката традиција, туку и поради изграденети братски мостови на соработка и соживот.
– „Среќни сме што сме трет пат поканети да настапуваме на фестивалот. Навистина е слична македонската и бугарската публика и ветуваме дека ќе дадеме позитивна енергија и ќе се претставиме во добро издание пред вас. Тука сме и да го најавиме нашиот дует со Графа која сме сигурни дека ќе ве остави без зборови.“ – изјави Мартин од Некст Тајм.
Голема благодарност беше испратена до новинарите Кристина Апостолова од Слободен печат, Соња Танеска од новинската агенција Нетпрес, Ѓорги Селков од интернет магазинот Популарно.мк, Јана Серафимова од телевизијата 24 вести, Ване Маркоски од Канал 5, Симона Митровска од МИА и Невена Поповска од неделникот „Република“.
Фестивалот и оваа година е од отворен карактер.