ФИЛХАРМОНИЈА: Концерт со виртуозната Алина Баева
Филхармонија в четврток во 20 часот ќе одржи концерт на кој како солистка ќе настапи една од најдобрите виолинистки на светската музичка сцена – Алена Баева од Русија. Со оркестарот ќе диригираКонрад ван Алфен од Холандија, а на програмата се Концерт за виолина и оркестар во де-мол, оп. 23 од Роберт Шуман и Симфонијата број 4 од Л.В.Бетовен.
Концертот за виолина и оркестар во де-мол, оп.23 е единствениот што го напишал германскиот романтичар Роберт Шуман (1810 – 1856). Концертот останал неоткриен речиси 80 години откако бил создаден. Делото има три става и во него поеќе се чувствува класичниот манир на неговата подоцнежна музика сублимирана во „Рајнска симфонија“ отколку поетскиот и страстен стил во неговите рани дела.
Многу често маргинализирана, Симфонија бр. 4 од Лудвиг ван Бетовен (1770 – 1827) „живее“ во сенка на подинамичките Трета и Петта симфонија. Напишана по монументалната „Ероика“, хронолошки, но не и во силот, Симфонија бр. 4 е многу поблиска до класичниот стил на првите две симфонии отколку романтичарскиот и подраматичен контекст на подоцнежните оркестарски дела на Бетовен. Иако со векови живее потисната меѓу две симфониски ремек-дела, Четвртата симфонија совршено го рефлектира раниот класичарски дух на Бетовен, неговата јасна и прецизна мисла и префинето чувство за креирање боја и оркестарски колорит.
Конрад ван Алфен е инспиративен диригент кој ги прави нештата да се случуваат, ќе напише критиката за холандскиот маестро. Етаблираниот холандски/јужноафрикански диригент Конрад ван Алфен се стекнал со својата популарност и кај оркестрите и кај публиката благодарение на посебниот начин на кој тој ги води пробите и изведбите. Маестро Ван Алфен е уметнички директор и шеф-диригент на Симфонискиот оркестар во Ротердам. Во изминатите 16 години го издигнал својот оркестар на ниво да биде интернационално признат оркестар и да стане домаќин на концертни серии во Ротердам, Хаг и Амстердам. Скорешните интернационални турнеи на оркестарот ги вклучуваат: Русија, Мексико, Бразил, Колумбија и Чиле. Од 2005 до 2009 година, Конрад ван Алфен бил на позицијата шеф-диригент на Државниот симфониски оркестар „Сафонов“ во Русија, каде што се здобил со наградата за својот придонес во културата во Јужна Русија. Во моментот е уметнички директор на Московското филхармониско здружениево чии рамки редовно диригира со оркестрите од Москва, во познатата сала „Чајковски“. Исто така, тој е гостин-диригент и со оркестрите на добропознатите културни центри во Новосибирск и во Санкт Петербург. Во изминатите години, бројни оркестри низ светот настапиле под диригентската палка на Ван Алфен, и тоа во: Холанија, Германија, Белгија, Италија, Швајцарија, Англија, Данска, Израел, Словенија, Србија, Бугарија, Романија, Полска, Јужна Африка, Кина и Мексико.
Алена Баева брзо се етаблира како една од водечките виолинисти на својата генерација, со веќе завидна кариера зад себе и настапи со најдобрите светски оркестри и диригенти.На шеснаесетгодишна возраст, Баева е добитничка на Гран-при на 12. натпревар „Хенрик Виењавски“ во Полска (2001), како и награда за најдобра изведба на современо дело. Подоцна, таа е добитничка и на Гран-при на натпреварот „Николо Паганини“ во Русија (2004), вклучувајќи ја и специјалната награда со која ѝ се дозволува да настапува една година со виолината „Виењавски“, изработена од Страдивариус во 1723 година. Баева,исто така, е добитничка на златниот медал и наградата од публиката на натпреварот „Сендаи“ во Јапонија (2007).Репертоарот на Алена Баева опфаќа повеќе од 40 концерти за виолина и оркестар. Покрај честите телевизиски и радиопреноси на нејзините настапи низ Европа, Азија и Северна Америка, исто така, таа има и завидна дискографија која содржи дела од Брух, Шостакович, Шимановски, Дебиси, Пуланк, Прокофјев итн.
Алена Баева настапува со диригенти како што се: Владимир Федосејев, Пабло Ерас-Касадо, Кшиштоф Пендерецки, Сакари Орамо, Томас Зандерлинг, а особено долга соработка има со Валериј Гергиев и Владимир Јуровски. Нејзините партнери за камерна музика ги вклучуваат: Марта Аргерич, Јури Башмет, Стивен Исерлис, Николај Лугански и Миша Мајски, а редовен партнер ѝ е пијанистот Вадим Холоденко…