Галантна Индија – прв концерт во вториот дел од сезоната
Овој четврток, во 20 часот, оркестарот на Филхармонија ќе го одржи првиот концерт во вториот дел од концертната сезона, насловен „Галантна Индија“. Диригент е маестро Габриел Бебешелеа, а како солистка ќе настапи ЕлишијаСилверштајн, една од најзначајните млади американски виолинистки.
На програмата се Концертот за виолина и оркестар бр.9 од Жозеф Болоњ (Шевалие де Сан Жорж) и Оркестарската свита од операта балет „Галантна Индија“ од Ж.Ф.Рамо.
Жозеф Болоњ, Шевалие де Сан Жорж (1745 – 1799) е француски композитор, виолинист и диригент на Парискиот симфониски оркестар. Болоњ ѝ бил учител по музика и на Марија Антоанета. Неговиот музички опус бил инспириран од музиката на Волфганг Амадеус Моцарт, па затоа историчарите го нарекуваат „црниот Моцарт“. Концертот за виолина и оркестар бр. 9е дело во кое се впишани основните параметри типични за музиката на овој оригинален француски композитор, тој е мешавина од барокот и класицизмот, фузија на придобивките од епохата во која живеел.
„Галантна Индија“ е првата опера балет на Жан Филип Рамо (1683 – 1764), која ја напишал на либрето на Луј Физелије, а премиерно е изведена во Париската опера на 23 август 1735 година. Во ова дело, Рамо ја запознава публиката со различни аспекти на љубов во далечните земји. Момчињата од четири европски земји, Купидони, грешејќи ѝ на божицата Хеба, одат во војна. Кога сфаќаат дека Европа ги напуштила, решаваат да одлетаат во Индија/Индии – генерички термин што во тоа време се користел за која било далечна, егзотична земја. Овие т.н. Индии стануваат место на случување во чиновите, односно антреа.
Американската иолинистка Елишија Силверштајн на светската музичка сцена се етаблира како изведувачсо невообичаено смели и проникливи изведби, а некои музички критичари ја вбројуваат меѓу најзначајните претставници на својата генерација. Музичката јавност за првпат има можност да ја слушне во Лондон, 2015 година, на музичкиот фестивал „Спиталфилдс“. И не успева да остане рамнодушна. Изведбатa на оваа млада виолинисткаод САД останува длабоко врежана во сеќавањата на секој присутен на тој концерт, таа вечер. Тоа бил настап кој навестувал една мошне плодна и успешна кариера. Шест години подоцна, Елишија Силверштајн станува добро позната на светската музичка сцена како изведувач со невообичаено смели и проникливи изведби, а некои музички критичари ја вбројуваат меѓу најзначајните претставници на својата генерација. Настапува како солист и како камерен музичар, а нејзиниот репертоар се состои од дела од 17 до 21 век.
Маестро Габриел Бебешелеа е шеф-диригент на оркестарот на Филхармонија. Музичката репутација на Габриел Бебешелеа брзо почнала да расте по воодушевувањата од страна на критиката и публиката, за неговата исклучителна музикалност и ентузијазам со кој ги предводи оркестрите. Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2011 година, ќе му биде доделена стипендија за да стажира со престижниот „Концертгебау оркестар“ во Амстердам, каде што имал можност да работи со големи диригентски имиња, меѓу кои и со Марис Јансонс, Хаитинк, Херберт Бломштед, Кристоф фон Донани, Давид Зинман… Една од големите пасии на Бебешелеа е да работи со млади музички уметници. Од 2011 година, тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот Младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година со Кум Лауде на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.