Настани
Георги Шарески со интимен концерт ДУЕТИ во Филхармонија
Оваа сабота, во камерната сала на Македонската филхармонија, имате шанса да присуствувате на единствен концерт, во кој во интимна атмосфера ќе биде претставена жанровски неограничената и автентична музика на еден од нашите најплодни и најнеобични композитори.
Концертот ДУЕТИ на Георги Шарески, на кој ќе бидат изведени авторски композиции на овој наш музичар кој дипломирал на Беркли и е со светска кариера, аранжирани се за две различни дуо формации. Дуети за клавијатури и контрабас, во изведба на Џијан Емин и Оливер Јосифовски, двајца најдолгогодишни и најблиски соработници на Шарески, и интернационално етаблирани и реномирани македонски музичари. А во вториот дел се дуети за усна хармоника и гитара во изведба на Марко Јовановиќ, кој е еден од најпознатите европски мајстори на усната хармоника.
На овој концерт ќе биде и македонска премиера за музиката од новиот албум на дуото Шарески-Јовановиќ, насловен како „Big Love” кој ќе биде објавен во февруари 2023.
Георги Шарески е врвен џез музичар и композитор, кој особено внимание посветува на бојата на звукот и на аранжманите каде тој балансира музички помеѓу традициите во овој жанр, но и на иновациите. Зад себе има десетина албуми, настапувал на бројни светски џез сцени во различни формации..трио, квартет, квинтет.
Но, процесот на компонирање и оркестрирање е можеби место каде што тој е најмногу свој.
– Тоа е различен процес од настапи и концерти, поради тоа што тогаш сум сам, а кога сум сам, сѐ зависи од мене, и ми е многу полесно да немам сомнежи. Во однос на настапи, исто така ми е најубаво кога не постои сомнеж, и поради тоа, во последните неколку години многу внимавам на тоа со кого соработувам. Најмногу сакам да работам со музичари со кои имаме сличен сензибилитет и силна жед за нова и уникатна креација -изјави Шарески пред најавата за овој посебен концерт кој започнува во 20 часот, а билетите се веќе во продажба по цена од 350 денари на билетарата на филхармонија.
Концертот е поддржан од Министерство за култура, а автор на постерот е Ѓорѓе Јовановиќ.