Настани
Голем еко-настан „Заедно за почиста општина“ на 3 ноември во паркот „Авионче“ во Аеродром
Непрофитната компанија која управува со отпад од пакување и соработува со компании од голем број индустрии, „Еуро-Екопак“, заедно со општина Аеродром на 3 ноември (недела) во 12 часот ќе организира настан во паркот „Авионче“ во Скопје. Активноста е дел од проектот CleanAirDrom и фокусот ќе биде кон собирање на отпадно стакло (шишиња, тегли итн.) за кое ќе биде поставена соодветна опрема. Воедно, посетителите ќе може да уживаат и во настапите на: дуото ДНК, детскиот хор „Поточиња“ и танц групата „Аква денс“.
Проектот CleanAirDrom го реализира општина Аеродром, а „Еуро-Екопак“ се вклучува како поддржувач и во рамки на активностите, поставени се машини за собирање пластични шишиња во девет училишта и две градинки. Секое шише има своја вредност и како директна субвенција се доделува на училиштето односно градинката во даден временски период, а на основа на предодредена програма која општината ќе ја донесе за таа цел. Имајќи во предвид дека во општина Аеродром има 77.000 жители, над 2.500 деца во градинките и над 7.000 ученици во основните училишта, проценките дека на годишно ниво е дека можат да се овозможат и до 1.3 милиони денари за 11 училишта и градинки преку овој пилот проект. Колку повеќе се селектира, толку повеќе се донира за овие институции.