Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

ИФФК „Браќа Манаки“ со обемна програма и ѕвезди

Настани

ИФФК „Браќа Манаки“ со обемна програма и ѕвезди

Годинава фестивалот „Браќа Манаки“ е пообемен и по гости и по програма во однос на минатогодишното издание.

-Имаме над шеесет филмови, три жирија, исклучително реномирани личности кои ќе одлучуваат за селектираните филмови во долгометражната програма, краткометражните филмови, документарната програма и студентската програма. Жирито за долгометражната програмата го сочинуваат: Жан Мари Дрожу , Самир Љума, Мелиса Созен, Маја Богојевиќ и Јелена Станковиќ, а во селекцијата на студентската програма за најдобар филм ќе одлучат: Срѓан Ковачевиќ, Митко Панов и Фејми Даут. На отворањето в петок ни доаѓа Ентони Дод Ментл кој е добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, добитник на Оскар, на БАФТА и на многу други награди, а на крајот на Фестивалот ни доаѓа една од легендите на кинематографијата, Џон Метисон, соопшти директорот на Фестивалот Симеон Мони Дамевски на денешната прес конференција која се одржа во Офицерскиот дом во Битола.

Слаѓан Пенев втора година по ред е селектор на главната натпреварувачка програма.

-Имаме 14 филмови со силен авторски печат и визуелна естетика. Самиот збор фестивал значи славење, ние го славиме филмот. Филмот за отворање е „Мајка и син“.(Un petit frère/ Mother and Son), 2022, француски филм во режија на Леонор Сераије, директорка на фотографија Елен Лувар. Премиерно прикажан на Канскиот филмски фестивал во 2022 година, каде главниот сценограф ја доби наградата за млад филмски техничар. Иако најавивме дека фестивалот ќе се отвори со филмот „Божјата рака“ на Сорентино, имајќи предвид дека „Нетфликс“ е одговорен за дистрибуција на овој филм и веќе филмот може да се види на „Нетфликс“, а тие имаат високо ригорозни стандарди за преводот и не се согласија ние да го направиме преводот, сакаат тие низ нивните многу филтри на превод да се помине, тие да ангажираат преведувачи и лектори, коректури и инсистираат на тоа и не ставија малку во мала неизвесност дали ќе успеат до почетокот на Фестивалот да го обезбедат тој превод. Не сакавме да ризикуваме со тоа и затоа се согласивме да го ставиме следниот ден, бидејќи ќе биде во Битола директорката на фотограија Дарија Д ‘ Антонио и ќе одржи мастерклас, а „Мајка и син“ е одличен филм и заслужува да се види. Филмот ја раскажува приказната за Роз која во доцните 1980-ти се преселува од Брегот на Слоновата Коска во Париз, со двата мали сина. Опфаќајќи го периодот од нивното пристигнување во Франција, па се до денешниот момент, филмот е трогателна хроника за создавањето и пресоздавањето на едно семејство. Ова е прва соработка на режисерката Сераије со искусната кинематограферка Хелен Лувар, а ќе биде петти филм на Лувар кој се прикажува во Главната Програма на „Браќа Манаки“, откако претходно нејзините филмови играа: во 2003 година „Затвор“ (The Cage) во режија на Ален Раус; 2012 година „Атомска ера“ (Atomic Age), во режија на Хелена Клоц; „Невидливиот живот на Евридика Гузмао“ (The Invisible Life of Euridice Gusmao) во режија на Карим Ајнуз, 2019 година – за кој ја доби „Златната камера 300“ – и минатата година „Мурина“, во режија на Антоанета Аламат Кусијановиќ. Елен Лувар е една од најпознатите кинематограферки на денешницата, со импресивна филмографија од околу сто наслови, меѓу кои и филмови режирани од Агнес Варда, Алис Рорвахер, Вим Вендерс, Клер Дени, Меги Гиленхал итн, рече Слаѓан Пенев, селектор на главната натпреварувачка програма.

Програмскиот концепт на натпреварувачката документарна програма на овогодинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се води од неколку начела, од кои најзначајни се општествената одговорност и ангажман, креативната храброст и посебноста на ликовниот филмски израз, односно иновативноста во кинематографскиот пристап.

-Програмата ќе претстави 9 филмски остварувања од цел свет – Европа, Јужна Америка, Блискиот Исток, како и од нашиот регион, а кои ги обединуваат актуелни социјални, еколошки, економски, политички и културни теми. Заедничко за сите филмски дела е што преку специфичниот филмски израз кинематограферите на селектираните филмови исклучително креативно успеваат да ни го отворат светот на доку-фикцијата и хибридните доку-фиктивни форми. Жирито за најдобар визуелен пристап во документарен филм е составено од тројца членови: Јасмин Башиќ, фестивалска програмерка и продуцентка од Швајцарија, селекторка на еден од најпрестижните фестивали за документарен филм Vision du Reel, Nyon, Швајцарија, Белит Саг, авторка и визуелна уметничка од Турција која живее и работи во Холандија, предавачка на Холандската академија за филм во Амстердам и на некои од најпрестижните филмски школи во Холандија, Фејми Даут, македонски кинематографер, добитник на наградата за филмска камера во документарен филм на Американското друштво на кинематографери, соопшти на прес конференцијата Кумјана Новаковa, селектор на документарната програма.

Програмата почнува со „Музеј на револуцијата“ на Срѓан Кеца, автор и кинематографер кој доаѓа од Србија, а кој последните 5 години предава документарен филм на филмската школа во Станфорд. „Музеј на револуцијата“ имаше премиера на IDFA, а по IDFA беше прокажан на HotDocs, Трст, како и на престижниот латино-американски фестивал Гвадалајара.

-На програмата го имаме и бразилскиот Dry Ground Burning, или „Сувата земја гори“ од режисерската двојка Joana Pimenta, Adirley Queirós, кој имаше премиера на последното Берлиенале. Веќе го најавивме Three Minutes – A Lengthening – Tri minuti prodolzuvanje на Bianca Stigter, во продукција на Steven McQuin, која својата премиера ја имаше на Венеција, а чест ни е што имаме негова регионална премиера, истакна Новакова и подвлече дека автори и кинематографери кои ќе бидат со нас се Срѓан Ковачевиќ, кинематографер од Загреб кој доаѓа со неговиот последен филм „Фабриките на работниците“, кој пред само неколку дена беше награден за најдобар регионален филм на Докуфест во Призрен, а кој имаше премиера на престижниот Sheffield DocFest.

Од госите кои доаѓаат се и Ben Guez и Alba Bresolí Aliberch кои во Битола пристигнуваат како авторски тим зад „When the Mountain Rumbles“ или „Кога планината татни“.

-Сите проекции на филмовите од документарната програма се во историското кино „Манаки“, а се надеваме дека програмата ќе биде инспирација и повод за уште поинспиративни разговори и нови програмски иницијативи, рече Новакова.

Во студентската програма селектирани се филмови од Државниот Универзитет во Тетово и ФДУ Скопје, Академијата од Љубљана, Универзитетот „Хасан Приштина“ од Косово, од Универзитетот во Солун, Академијата од Загреб, чешката академија за филм, Унивезритетот за телевизија и филм во Минхен, потоа Лондон филм скул, академија од Мадрид, од Виена, од Украина, Полска и Турција.

Селекторот Ѓорги Пулевски ги претстави филмовите и изрази задоволство што годинава има голем интерес за оваа програма кој има тенденција да се проширува низ годините.

Тоше Ивановски се осврна на Офф програмата која е придружен дел на Фестивалот.

-На Офф програмата работи тим креативци кои го покажуваат посебниот интерес на Битола кон фестивалот „Браќа Манаки“ како дел од нашата колективна меморија, нашиот идентитет и нашето историско наследство. Од исклучително значење е да кажеме дека Фестивалот „Браќа Манаки“ не е фестивал на некоја елита, туку е фестивал на граѓаните. Концептот на офф програмата е мошне атрактивен, со секојдневни изложби, колекционери кои ја раскажуваат филмската приказна на градот, живи слики, концерти на филмска музика…Особено сме горди што ја имаме за прв пат изложбата на Наум Карабатак, кој учел кај Манаки и која е наше историско наследство. На овој начин го презентираме живото културно наследство со Манаки, она со што сите ние како битолчани се гордееме. Би ја издвоил и изложбата на Државниот архив во Битола со која се одбележува 140 години од ражањето на Милтон Манаки. Таа има сериозно културолошко значење не само за градот, туку и пошироко, рече Ивановски, кој истакна дека сето ова заедно со концерти на филмска музика и настапи на познати музичари ќе го направи градот жив и интересен.

 

Повеќе од Настани

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.