Настани
Концерт на светски познатиот уметник и продуцент Франческо Тристано
На 23 јули, со почеток во 20.30 часот во големата концертна сала на Mакедонската филхармонија ќе се одржи несекојдневен и ексклузивен настан.
Исклучително интересен концерт на кој ќе имаме можност да го слушнеме фантастичниот и светски познат пијанист, продуцент и композитор Франческо Тристано кој ќе настапи заедно со ФАМЕС оркестарот, составен од млади талентирани музичари од европските земји и Македонија, под раководство на нашиот познат мултиталениран музичар и диригент Џијан Емин.
Концертот претставува прекрасно музичко патување каде публиката ќе има можност да се сретне со различни музички стилови испреплетени и збогатени со симфониски оркестар, композиции во кои се користат нови технологии но во исто време и го користат звукот и инструментите од традиционалниот симфониски орекстар. Овој концерт на хибридна музика, претставува своевиден музички крстопат каде се среќаваат класичната, електронската и современата музика, користејќи џез импровизации и елементи. На концертот ќе бидат изведени композиции кои се веќе создадени од Тристано и Емин, но и композиции кои ќе бидат напишани специјално за овој концерт.
Овој концерт претставува една убава завршница на семинарот за хибридна оркестарска музика, симболично насловен како Carte Blanche, а ќе ни ја претстави работата на младите музичари кои учествуваа во работата на оркестарот на ФЕЈМС Институтот и мастер класовите кои ги водеа Франческо Тристано и Емин Џијан.
Оркестарот на ФАМЕС Институтот го сочинуваат млади талентирани музичари од различни европски земји и Македонија, чија цел е пред се преку работа со врвните уметници и диригенти да се стекнат со нови искуства и знаења, да научат повеќе за различните музички стилови, начини на изведување и секако меѓусебно да ги разменат личните музички искуства и знаења но и сопствените традиции и културни карактеристки. Овие млади музичари, поддржани и раководени и од врвни македонски музичари, во различен состав ја започнаа својата работа на 14 јуни и поминаа низ еден многу разновиден и интересен едукативен процес, фокусирајќи се најмногу на професионализација на оркестарското муизцирање.
Досега веќе беа реализирани два големи концерти, првиот на отворањето на фестивалот Скопско Лето, а потоа и концертот со клецмер музика заедно со познатите музичари Оливие Труан и Колсимча.
На 23 јули со овој фантастичен концерт, различен по содржина од сите претходни завршува ова музичко патување на младите таленти и врвните професионални музичари.
Оркестарот при ФАМЕС Институт ќе продложи со својата работа веќе во септември и октомври, кога повторно ќе следат многу интересни концерти и содржини.
Билетите за овој концерт се по специјална цена од 300 денари и 150 денари за студенти и ученици. Билетите можат да се купат на страницата на www.mktickets.com.