Настани
Концерт за паметење: Каролина Гочева ја врати публиката во најубавото време за македонската музика (ФОТО)
Македонската поп-ѕвезда Каролина Гочева одржа голем концерт под ведро небо, насловен „Ајде да летаме – најголеми хитови“.
Каролина на публиката на стадионот на АРМ во Скопје и приреди двочасовна забава исполнета со спомени и емоции.
Со најавата за својот концерт на почетокот на јуни, Каролина Гочева ги повика сите љубители на македонската музика и нејзините хитови да ѝ помогнат да го распее Скопје.
Тоа и се случи, повеќеилјадната публика од сите генерации во еден глас ги пееше песните кои ја одбележаа нејзината музичка кариера.
Најемотивен момент од концертот беше сеќaвањето на Тоше Проески, таа најпрво ја испеа неговата „Твоите бакнежи на моите бели кошули“, а потоа и дуетот „Немир“ додека во позадина на екранот идеше спотот за песната.
-Ова ми беше најубавиот концерт. Сигурно дека вечерва нема да можам да спијам – рече поп-ѕвездата откако публиката ја врати на бис за заедно да ги испеат „Умирам без тебе“ и „Хипокрит“.
Концертот беше со сериозна светска продукција, светло и звук, какви што му прилегаат на голем и грандиозен концерт, а за тоа се погрижи организаторот „Авалон“.