МНТ: „ПАНФИЗ“ по втор пат на отворено – местата ќе бидат строго ограничени
Со оглед на актуелната ситуација во светот со корона-кризата, 14. издание на ПАНФИЗ, по втор пат ќе се одржи на отворено и тоа пред МНТ – платото на северозападната тераса.
Местата ќе бидат ограничени (30), во корелација со просторот, а по препорака на Комисијата за здравство. Во случај на невреме претставите ќе се играат на малата сцена на МНТ. Билетите ќе бидат поделени пред претставата по принципот прв дојден прв услужен.
– „Се надеваме дека и овогодишната програма која во прилог ја доставуваме ќе предизвика интерес кај нашата публика, па со внимание ќе го проследиме и ова издание на ПАНФИЗ.“ – велат од МНТ.
Оваа година на програмата ќе има ексклузивна македонска фестивалска премиера и тоа во режија и кореографија на Ирена Лозинска – претставата се вика „Четири“ и е сублимат на физички театар, буто, танц и пантомима. „Алис ин Вондербанд“ од Србија и оваа година е на ПАНФИЗ, но овојпат со целодневна работилница наречена „Телото како инструмент“, која ќе биде вистинско освежување за млади таленти, но и постари актери заинтересирани за перкусионистички елементи, пеење, ритмика и актерска игра.
Од Бугарија доаѓа Александар Илиев, со претставата „Комедија дел’ арте“, а ќе видиме и два буто перформанси, во продукција и изведба на Нектан Арт Центар, Марко Стојановиќ од Србија, а тоа се претставите „Светиот Маченик“ и „Спајдердаст“.
– „Идејата е да не застанеме и да не ја прекинеме традицијата. Продолжуваме да чекориме и да ја промовираме пантомимата и физичкиот театар колку и тоа да изгледа тешко во овие времиња. А тешко е.“ – стои во соопштението на организаторите.