Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Национален џез оркестар со концерт „Џез лектира” – осврт на работата на „кралот на свингот” Каунт Бејси

Настани

Национален џез оркестар со концерт „Џез лектира” – осврт на работата на „кралот на свингот” Каунт Бејси

Последниот проект на Националниот џез оркестар носи наслов „Џез Лектира“ и претставува навраќање на биг бенд ерата, позната и како ера на свингот. Овој период претставува значаен период од музичката историја во кој популарната музика во САД доживува своевидна трансформација. Големи ансамбли, пишани аранжмани кои се истакнуваат наспроти спонтаните солирања, доминација на свинг ритамот, наплив на иновативни композитори, се дел од карактеристиките на оваа ера која го доживува својот врв во периодот од 30-тите до средината на 40-тите години нa 20-тиот век.

Во тој период се истакнува една група музичари кои како лидери на своите биг бендови прават вистинска револуција во џез музиката во тој период, меѓу најважните имиња во биг бенд ерата се вбројуваат Дjук Елингтон, Бени Гудман, Глен Милер, и секако Каунт Бејси.

Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, кој е познат и како „Кралот на свингот“.  Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично.

Многу светски познати музичари доаѓаат до израз токму во овој биг бенд, вбројувајќи ги тенор саксофонистите Лестер Јанг и Хершел Еванс, гитаристот Фреди Грин, трубачите Бак Клејтон и Хари „Свитс“ Едисон, тромбонистот Ал Греј, и пејачите Џими Рашинг, Хелен Хумес, Телма Карпентер и Џо Вилијамс.

На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот, како и на соработката со современата американска џез пејачка и пијанистка, Дајан Шур, меѓу другото добитничка на две Греми награди за најдобра џез пејачка во 1986 и 1987 година. По тој повод, специјална гостинка на концертот е Марија Димитријевиќ, една од најдобрите женски џез пејачки на овие простори.

Концертот ќе се одржи на 16 март, во салата на Македонскиот народен театар, со почеток од 20 часот.

Билетите може да се набават online, на страната на МНТ https://mnt.mk/online/index.php?id=558 , или на Билетарницата на МНТ.

 

Повеќе од Настани

Маркетинг

Трендинг

Маркетинг
Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.