Настани
„Насмејте се – ќе се сликаме“: 27. издание на „Златна бубамара на популарноста“ (ФОТОГАЛЕРИЈА)
Синоќа во салата „Борис Трајковски“ се одржа 27. издание на „Златна бубамара на популарноста“.
Шоуто традиционално го отвори Ранко Петровиќ, сопственик на радио „Бубамара“.
Актерите Тино Костадиновски и Атанас Атанасовски беа водители на настанот, а по една година пауза, на големо изненадување на бројната публика во салата „Борис Трајковски“, на сцената се појави и актерот Сашко Коцев. Под мотото „Кој чека ќе дочека, редно е да има ред“ тие со својот хумор ја забавуваа публиката со коментирање на актуелните теми од нашето секојдневие.
Публиката цели четири часа уживаше во музика, танц и одличен хумор.
Легендарниот пејач Драган Мијалковски доби награда за животно дело и испеа дел од своите најголеми хитови.
Награда за трајни музички вредности доби српскиот пејач Жељко Самарџиќ, а целата сала во еден глас му ја пееше „Грлица“.
Игор Џамбазов ја рецитираше „Т‘га за југ“ од Константин Миладинов, а заедно со гитаристот Гуру Харе ја испеа и нивната „Македоникејшн“ како посвета на сите оние кои си заминале од државава. Исто така Игор не потсети и на сите кои не напуштија изминатата година: Мето Јовановски, Димче Мешковски, Катина Иванова, Кире Костов, Трајче Ѓорѓиев…
Кире Костов доби и посхумна награда за животно дело и во негова чест Тамара Тодевска ја испеа „Кога те нема“ од Хелена Благне, а Андријана Јаневска ја пееше „Тајно моја“ од Тоше Проески.
Врчак се врати на сцената и заедно со ДНК го имаше својот прв настап во живо по повеќе од една деценија.
Ова е листа на наградените:
Најпопуларна ТВ серија: „Тин-камп“
Балетска претстава за деца: „Петар Пан“
Трајни вредности во народната музика: Нино Величковски
Трајни вредности: Миодраг Врчаковски, текстописец
Спортист на годината: Игор Стефановски-Иџе
Концерт на годината: Владо Јаневски
Животно дело: Драган Мијалковски
Трајни вредности за афирмација на танцот: Тодор Миладинов
Трајни музички вредности: Жељко Самарџиќ
Најпопуларна актерка: Наталија Теoдосиева
Најпопуларна претстава: „Ало! Ало!“ – Театар Комедија
Проект на годината: СИНТЕЗА-ТАНЕЦ И МОБ
Спортски успех: Одбојкарска репрезентација
Најпопуларен спортист: Никола Ѓоргиев
Спортска легенда: Кире Лазаров
Најпопуларен илустратор: Ласко Џуровски
Најпопуларно дуо на годината: Александар и Дац
Пејачка на годината: Андријана Јаневска
Најпопуларна група: ДНК& Врчак – „Посреќна“
Албум на годината: Македонијо во срце те носиме
Популарен оркестар: Национален џез оркестар
Награда за уникатни музички вредности: Рамбо Амадеус
Посхумна награда за животно дело: Кире Костов