Настани
Нетфликс ќе снима мини серија во Македонија – огромна екипа доаѓа во нашата земја
Продуцентката Лабина Митевска денеска објави дека стрим-продукцијата доаѓа во Македонија за да снима минисерија.
Серијата ќе има осум епизоди, кои во најголем дел ќе бидат снимани на Меѓународниот аеродром Скопје. Митевска е извршен продуцент на проектот.
Горјан Тозија, директор на Агенцијата за филм, истакна дека сите кои се занимаат со филмска продукција знаат колку е тешко една компанија како што е „Нетфликс“ да дојде во една држава за да снима филм.
– „Нетфликс“ е многу голем, многу моќен. „Нетфликс“ има светска мапа каде ги става знаменцата од местата што ги има посетено и прв пат годинава знаменцето на нашата земја ќе биде ставено на нивната мапа. Пред да се одлучи да престојува во една држава, компанијата прави анализа каква е стабилноста на таа држава и како работи нивната Агенција за филм. Јас сум среќен што оваа компанија ја одбра Северна Македонија, ја одбраа компанијата на Лабина да им биде домаќин и да им ги пружи сите сервис услуги, рече Тозија.
Продуцентката Лабина Митевска истакна дека е од економско и културолошко значење еден филм да се донесе и да се работи токму во нашата држава.
– Мини серијата на „Нетфликс“ наречена „Во ноќта“ е составена од осум епизоди и речиси целата првата епизода ќе се снима во нашата држава. На почетокот на октомври ќе пристигне половина од екипата, односно стотици луѓе. Поради тоа што во сцената има инволвирано авион, тие ќе дојдат со приватен авион. Оваа огромна продукција е фантастична за македониска кинематографија и сите македонски работници зашто ќе можеме да искусиме нешто ново и поразлично, рече Митевска.
Главни продуценти се „Ентре иен е Лу“ од Белгија, раководени од еден од најуспешните европски продуценти Себастијан Делои, кој работеше на најновите проекти на Руперт Еверет и Тери Гилијам.