Настани
Од денес почнува дванаесеттото издание на Prilep Jazz Weekend фестивал
Во организација на здружението за субкултура ПП ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ, од 28 август до 02 септември во Прилеп ќе се одржи дванаесеттото издание на фестивалот „Prilep Jazz Weekend“ фестивалот.
Концептот на фестивалот останува ист, така што ќе имаме два концерти во ОФ (OFF) програмата и три вечери во Домот на културата Марко Цепенков, велат организаторите. Фестивалот оваа година на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука ќе го отвори Џенгис Ибрахим, еден од врвните музичари на Балканот кои се концентрирани на ориенталната музика. На овој настап тој ќе изведе композиции кои комуницираат со архаичниот амбиент и ги рефлектираат неговите импресии од интеракцијата со древниот свет.
На 29-ти август во Клубот Калинка ќе настапат „Next to Silence“, бенд кој започна со свирење реинтерпретирани мелодии од музичари кои издаваа за музичката куќа ECM, но толку многу уживаше во ваквата игра што продолжи со создавање и своја музика.
Првата вечер на малата сцена од Домот на културата Марко Цепенков (31.08) ќе ја отворат Добрила Грашеска и Доријан Јовановиќ и ќе ни го презентираат нивниот последен проект Пиле Шарено. Од познати до непознати песни од македонското поднебје, со поинакви аранжмани и изрази, Пиле шарено е албум кој има задача да отвори ново поглавје, да покаже различен дискурс на нешто колку познато, толку и непознато, да испраша и да израдува. Како пиле. Шарено.
Вториот дел од вечерта е резервиран за најновото сновидение на Јордан Костов, Jingarabushi: разнобојни лица и инструменти, познати и непознати, кои на јаве ќе се сретнат на сцената на овогодинешниот Прилепски Џез Фестивал. Составот, кој е резултат на многубројните авантури на композиторот-скитник, е сочинет од вокалите и флејтите на Нао Иизука, гитарата на Хисао Фукушима, пијаното на Гензох Такехиса, гајдата на Шин-ја Охно ,баритон саксофонот на Андреас Гунтер и перкусиите на Дамјан Грујо. Костов повторно ги спојува истокот и западот диригирајќи го овој ексцентричен Јапонско-Германско-Македонски оркестар, во кој очекувано се придружува со хармониката, неговиот примарен инструмент.
Втората вечер (01.09) на малата сцена од Домот на културата Марко Цепенков ќе ја отворат Soothsayer. Бенд кој го сочинуваат тројца млади, но веќе етаблирани музичари кои ја истражуваат класичната сакс-бас-тапани трио музичка форма, и многу се забавуваат додека го прават тоа. Нивниот звук може да се опише како суров, енергичен и ризичен со разновиден опсег на влијанија во Post Bop, Hard Bop, Free Jazz и многу повеќе.
Во вториот дел од вечерта ќе ги гледаме милениците на прилепската публика, ФОЛТИН. Фолтин е македонски бенд активен од 1995 година. Музиката на Фолтин тешко се дефинира, звукот непредвидлив и предизвикувачки, надреален, страстен и духовит, динамичен и полн со изненадувања, спојувајќи многу жанрови како алтернатива, светска музика, фанк, електро акустична, џез и други. Нивната музика е свежа, топла, бескрајно имагинативна и има моќ да ги натера луѓето да се чувствуваат прегрнати и воздигнати.
Први на последната вечер (02.09) на малата сцена од Домот на културата Марко Цепенков ќе ги видиме гостите од Србија 3GONOME3. Моќно експериментално трио составено од фантастични музичари, мајстори на импровизацијата.
Фестивалот ќе го затворат INTERGALACTIC MUTANT FUNK, колектив од музичари чие што основање е поттикнато од желбата за поспонтана егзистенција, танц, слободно себеизразување и топење во грув-базирана композиција и импровизација.
Фестивалот е финансиски помогнат од Министерството за култура и Општина Прилеп.
Целосната програма со повеќе детали може да се види на следниот линк : www.prilepjazz.mk