Поврзи се со нас
Маркетинг

Популарно.мк

Одбележување на Меѓународниот Ден на толеранцијата

Настани

Одбележување на Меѓународниот Ден на толеранцијата

На 15 ноември 2024 (петок), 19:00 часот во Кинотека на Северна Македонија, Inner Wheel Клуб Скопје Еуропеа, годинава по осми пат ќе го одбележи Меѓународниот ден на толеранција – 16 ноември, со настан под мото „Разноликоста е факт, прифакањето е чин“. Оваа тема ја третира различната сексуална ориентација и нивното прифаќање во нашето општество.

Настанот е организиран со поддршка со Ротари клубот „Камен Mост-Скопје”, а ќе го отвори претседателката на  Inner Wheel Клуб Скопје Еуропеа, Светлана Караѓозова.

Следува проекција на филм – Сведоштво на родител на LGBT+ лице, а одбележувањето на  Меѓународниот ден на толеранција ќе продолжи со трибина на која ќе говорат: Проф.др.Инес Црвенковска Ристеска, етнолог и антрополог, Проф.др.Ана Блажева, психолог, социолог, психотерапевт, Прим. др. Славица Гајдазис Кнежевиќ, психијатар и психотерапевт, Радмила Живановиќ, психолог и психотерапевт, М-р Ангел Димитриевски, магистер по медиумска едукација и Љубомир Фајзов, претставник на Хелсиншки комитет за човекови права.

Настанот ќе продолжи со прашања и дискусија, чиј модератор ќе биде Душица Брачиќ, етнолог и антрополог.

По завршување на настанот е планирано дружење во фоајето на Кинотека на Северна Македонија.

– Ќе ни претставува особена чест и задоволство доколку присуствувате на овој настан. Веруваме дека оваа предавање и дискусија ќе ни помогне на сите нас полесно да ги разбереме и прифатиме лицата со различна сексуална ориентација, велат организаторите.

Женската организација Inner Wheel Клуб Скопје Еуропеа, која е дел од Inner Wheel International – организација основана е во 1924 година.

Inner Wheel Клуб Скопје Еуропеа е основан на 17 декември 2016 во Скопје и има 17 жени-членки, секоја успешна и докажана во својата професија, со силен личен мотив за солидарност и помош на оние на кои им е потребна, со желба и можности за делување во рамките на нашето општество преку разни хуманитарни акции.

Од основањето до денес, Клубот стои зад бројни хуманитани акции и акции за подигнување на свеста за општествено и хумано делување.

– Во оваа смисла, од 2016 година, нашиот Клуб со разни активности се придружи кон одбележување на Меѓународниот Ден на толеранција кој почнувајки од 1996 година е годишно одбележување на толеранцијата под покровителство на УНЕСКО, со цел генерирање на јавна свест за опасностите од нетолеранцијата. На 16 ноември 1996 година, Генералното собрание на ОН (со резолуција 51/95) ги покани земјите-членки на ОН да го одбележуваат овој ден како Меѓународен ден на толеранцијата. До сега Inner Wheel Клуб Скопје Еуропеа има иницирано и реализирано низа средби и дијалози на актуелни и горливи теми како што се врсничкото насилство, различностите кои не прават горди, темите за инклузија на ЛГБТ + заедницата, Ромите и нивната единствена култура и традиција, женската солидарност, професии и стереотипи, подигнување на свеста за рано откривање на ракот на дојка итн, велат оттаму.

Повеќе од Настани

Маркетинг
ДО ВРВ
error: Содржината е заштитена со авторски права.