Настани
„Песни за љубов и копнеж“ со Каролина, Дуке и Исмаил во Филхармонија на 23-ти декември
Каролина Гочева, Дуке Бојаџиев и Исмаил Лумановски на 23 декември во Филхармонија ќе одржат концертна промоција на албумот „Песни за љубов и копнеж“.
Како што соопштија од Авалон Продукција, станува збор за нивен предновогодишен последен проект за 2022 година.
-Македонската публика ќе има навистина ретка можност во живо да слушне песни кои имаат есенцијална вредност, изведени од тројца врвни уметници кои добар дел од својата днк ја вложија во создавањето на овој проект, посочија во соопштението.
Албумот „Песни за љубов и копнеж” е сочинет од 11 од најубавите, подзаборавени македонски композиции од втората половина на 20 век – златната ера на македонската забавна музика, потпишани од некои од некои нашите најмаркантни автори: Драган Ѓаконовски Шпато, Димитар Масевски, Тодор Бојаџиев, Љубомир Бранѓолица…
-После бројни настапи и соработки на Каролина, Дуке и Исмаил, идејата за овој албум се роди во 2016та година, по што внимателно се работеше на неговиот концепт, бирање на композициите и создавање нови аранжмани, со фокус на тоа да им се даде „нов живот” на некои од најубавите песни на домашната забавна музика, се наведува во соопштението на продукцијата.
Исто така, со секоја купена влезница ќе следува физичко издание од албумот, додека албумот ќе биде достапен на сите дигитални платформи на 24-ти декември.
Влезниците беа пуштени во продажба денеска (9-ти ноември) во 9 часот наутро онлајн на „аvalon.mk“ и во сите продажни места на Авалон по цена од 1.200 денари, и како што соопштија од продукцијата концертот е распродаден за рекордно време од само 4 часа.