Настани
Почнува најмасовниот Д ФЕСТИВАЛ во Дојран
Денеска започнува долгоочекуваното и најмасовно 12. издание на Д ФЕСТИВАЛ, кој ќе се одржува од 1 до 3 јули во Дојран!
Најголемиот летен музички фестивал во Македонија, ова лето конечно ќе се одржува повторно во полн сјај и во комплетно издание со повеќе од 150 музички изведувачи, уметници и учесници во најбогатата програма досега која ќе се одвива низ вкупно 15 различни бини и зони на Фестивалот, вклучувајќи го и славниот Д-КАМП за фестивалските посетители.
Официјално почна музичката програма во чии рамки ќе настапат повеќе од 50 музички артистикои пристигнуваат во Дојран од целиот свет, а секако најмногу од државава.
Програмата на фестивалот денеска ќе ја предводат изведувачите чии настапи се закажани на Главната бина, односно Крудер и Дорфмаистер, Џулијан Марли, Кошин, Рундек и Екипа, Зад аголот.
Утревечер ќе настапат Анфиса Летјаго, Јура Стублиќ и група Филм, Буч Кесиди, Култур шок и Чиста околина, додека пак во финалната вечер пристигнуваат ЗУ, Констракта и Земља грува, Хладно пиво и Марки Рамон.
Покрај музичката програма, богатството на Д ФЕСТИВАЛ е специјалната дополнителна програма која се одвива во рамки на ПЛОШТАРТ зоната, а со која овој настан е уникатен и препознатлив како многу повеќе од само музички фестивал. ПлоштАрт е всушност креативното јадро и мултимедијалниот простор во срцето на Д Фестивал каде што ова лето ве очекуваат повеќе од 100 уметници и учесници од здруженија и организации со исклучително богата и разновидна програма! Слем поезија, прва психолошка помош, друштвени игри, работилници, интерактивни квизови, е-спорт, предизвици, јога, танцување, жонглирање, плејстејшн, дебати, ракотворби, сувенири и уште многу атрактивни содржини кои всушност ги пренесуваат и претставуваат позитивните општествени вредности и проектите од значење пред сѐ за младите!