Празнично Скопје уживаше во настапот на Брајан Адамс (ГАЛЕРИЈА)
На денот на ослободувањето на градот, 13 ноември, Скопје беше домаќин на канадската ѕведа Брајан Адамс кој во спортскиот комплекс „А1 арена” приреди шоу за уживање.
Тој ги поздрави илјадниците фанови со: „Здраво Македонијо”, а концертот го отвори со „The last night on earth”.
Брајан прилично расположен повторно и се обрати на публиката: „Да не се брзате некаде? Јас вечерва имам многу за пеење”, на што публиката го поздрави со овации.
– „Ова е најдобрата македонска толпа која сум ја видел. Всушност ова е единствената македонска толпа која сум ја видел“, се пошегува Адамс кој за првпат вечерва пееше во Скопје.
Скопјани, но и публиката од целата република и регионот долго ќе го паметат овој концерт по изведбата на баладите, но и по големата енергија на целиот тим, вклучително и Брајан, кои непрекинато танцуваа на бината.
– „Не гледајте во телефоните, ве молам, гледајте го шоуто. Спуштете ги телефоните. Дали сте дојдени тука да гледате во нив или да слушате музика?“, ги опомена Адамс присутните кои концертот го снимаа со своите мобилни телефони.
Интересно е тоа што за секој купен билет, еден од неговите спонзори на турнејата ќе засади по едно дрво. Адамс, кој минатата недела го прослави 60. роденден, е еден од најуспешните канадски музичари на сите времиња, со продадени над 75 милиони албуми низ цел свет.