Настани
Пролетен „Слоу Фуд пазар“ на првиот ден од јуни во Мондано гарден
Во првиот ден на јуни, за убав старт на месецот, настан за сите што сакаат и препознаваат добра храна.
Во сабота, на 1 јуни од 11 до 17 часот, во Мондано гарден (задниот двор на гимназијата „Јосип Броз Тито“) ќе се случува пролетен Слоу Фуд пазар, што го организира Слоу Фуд Водно.
„Настанот е замислен како неформално дружење, можност да сте на отворено и да купите нешто од нашето, автентично и највкусно. Притоа да дознаете многу работи за локалните производители на традиционалните сирења, џемови, мед, месни производи, за тартуфи, масла, ракии, пива, вина, истите да ги пробате и се разбира, да ги препорачате на своите пријатели“, велат од непрофитната организација „Slow food Vodno“.
И децата, во нивното катче ќе можат да уживаат во работилница што за нив ја подготви Слоу Фуд Водно – едукативно и забавно.
Инаку, на овој интересен пазар ќе учествуваат околу 25 производители кои ќе го претстават она што го прават – козјо сирење и намази, масло од лешник, оцет од диви јаболка, сувомеснати призводи, интересни џемови што ќе ве потсетат на детството, зреено месо, занаетчиско пиво.
– Најдобро е кога е наше, највкусно е кога е домашно! – велат организаторите.