Настани
Симон Трпчески го промовираше „Македонисимо“ пред скопската публика
По 5 години од светската премиера на престижниот музички фестивал во Лудвигсбург, Германија и освојување на светските музички меридијани со музичкиот материјал изнедрен од плодната македонска почва, нашиот прославен пијанист Симон Трпчески конечно ја имаше и македонската премиера на интернационалниот музички проект „Македонисимо“.
Голем број граѓани синоќа уживаа во преработките на најубавите македонски ора и песни на платото пред Националната опера и балет.
Албумот „Македонисимо“, кој беше издаден од британската етикета „Лин рекордс“, на оригинален начин ја обработува македонската народна музика од страна на композиторот Панде Шахов. Како што вели Трпчески, „Македонисимо“ претставува спој на македонската народна песна со џез и класична музика.
Уникатниот тим на „Македонисимо квинтетот“ и на оваа серија концерти го сочинуваат и Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело; на кларинет, саксофон и на кавал Хидан Мамудов, а зад удиралките е Влатко Нушев.
Симон на социјалните мрежи се заблагодари на како што напиша – вистинските поддржувачи на уметноста и на Македонија кои го овозможиле концертот, а особена благодарност изрази до целата публика.
Следните изведби се предвидени за во Штип на 25 септември и во Битола, ден потоа, на 26 септември. Сите изведби публиката ќе може да ги проследи бесплатно.