Настани
Симон Трпчевски и Македонисимо на 26 август во Секирник, струмичко
По исклучителниот прием на концертите во Литванија и повторно Германија, најавуваме уште еден историски концерт на Симон Трпчески и МАКЕДОНИСИМО, што ќе се случи во сабота на 26 август 2023 во 20 часот, во село Секирник, Општина Босилово, Струмица (во подножјето на планината Беласица), родното место на мајката на Трпчески.
Концертот во Секирник ќе биде организиран на отворено и ќе биде со слободен влез за сите заинтересирани љубители на Симон Трпчески и проектот МАКЕДОНИСИМО.
„Како што минатата година ја стартувавме македонската турнеја МАКЕДОНИСИМО 2022, со организациски исклучително предизвикувачкиот концерт во с. Збажди, Струга – родното место на таткото на Симон Трпчески (на 1000 метри надморска височина, на планината Караорман), така оваа година со овој исто така несекојдневен концерт ја стартуваме Балканската турнеја на МАКЕДОНИСИМО, што ќе трае до октомври и ќе ги вклучи настапите во Хрватска, Србија, Словенија, Црна Гора, Романија.“ – велат од КултурОп.