Славенички концерт на Синтезис во Скопје на 23 септември
Групата Синтезис го најавува славеничкиот концерт по повод нивниот 25 годишен јубилеј од артистичката кариера, што ќе се одржи на 23 септември, на плоштадот Мајка Тереза (плато пред МОБ), со почеток во 20 часот.
Специјални гости на коцертот ќе бидат Влатко Стефановски и Наум Петрески.
Нашата најпозната и најплодна етно група Синтезис во изминативе 25 години имаат одржано повеќе од 500 концерти на сите континенти и настапи во некои од најпознатите светски сали и фестивали. Синтезис се најголемите амбасадори на македонската музика во регионот и ширум светот. Од своето основање во 1995 година, Синтезис се чувари на македонската традиционална музика, и нејзини оплеменувачи со нови музички форми и елементи.
Групата има издадено осум албуми и има соработувано со најпознатите македонски музичари како што се Влатко Стефановски, Тоше Проевски, Наум Петрески и Борис Трајанов, како и со познати балкански имиња меѓу кои се Биља Крстиќ и Бистрик.
Концертот ќе биде одржан со почитување на протоколите за организирање на настани во време на пандемија од Covid 19 а билетите во строго ограничен број по цена од 200 денари се пуштени онлајн и на сите продажни места на Купи Карти За Се.