Настани
Со проекција на филмот „Кафе“ на иранскиот режисер Навид Михандост почнува специјалната програма на МФФ Киненова
Со прикажувањето на најновиот филм „КАФЕ“ на иранскиот режисер Навид Михандост во петок, на 15-ти декември, во кино салата на Кинотека на Македонија, Меѓународниот филмски фестивал КИНЕНОВА Скопје директно ќе го поддржи овој ирански филмски автор, искажувајќи јавна и недвосмислена поддршка за ослободување и укинување на затворската казна, која започна да ја отслужува пред неполни два месеци, заради тенденциозното обвинение дека снимал документарен филм за иранската новинарка Масих Алинеџад, која со својот женски активизам наводно ја загрозила безбедноста на државата.
Тимот на МФФ КИНЕНОВА, заедно со Солунскиот филмски фестивал и Коалицијата за заштита на филмски автори во ризик, максимално се солидаризира со овој исклучително храбар, одважен и талентиран ирански филмски автор. Со цел да ја доближи целата лична драма на овој уметник до македонската публика, организаторите на фестивалот КИНЕНОВА ќе обезбедат директен контакт на публиката со сестрата на режисерот Навид, Неда Михандост, која ќе се обрати пред присутните и македонската јавност во име на нејзиниот затворен брат и ќе го пренесе подетално неговото обраќање.
Навид Михандост, од затворот во Техеран, каде ја одлежува триипол-годишната казна за македонските медиуми ја даде следнава куса изјава:
-Почитувани, Ве поздравувам од Техеран. Многу сум среќен што ќе го гледате мојот нов филм во Скопје, главниот град на Македонија, и благодарност до МФФ КИНЕНОВА што ја организираше специјалната проекција за мојот филм. Ја сакам и се восхитувам на уметноста во смисла што таа е мост за комуникација за образовани и слободоумни луѓе ширум светот. Од една страна сум среќен што мојот нов филм го продолжува својот динамичен живот, а од друга страна ми е жал што не можам да сум со вас, за лично да ја доживеам реакцијата од македонската публика на оваа моја филмска приказна.
Во рамките на специјалната програма на МФФ КИНЕНОВА, на 16-ти (сабота) во 20:00 часот ќе биде прикажан провокативниот англиски филм „ФАТАЛНА ЖЕНА“ на Сем Фринам ин Нг Чон Пинг. На 18ти (понеделник), ќе биде прикажан украинскиот филм „КЛОНДАЈК“ на Марина Ер Горбах, кој се закити со две награди на овогодинешното издание на КИНЕНОВА, наградите за најдобра режија и за најдобро сценарио, а на 19-ти (вторник) ќе биде прикажан шпанскиот филм „20 000 ВИДОВИ ПЧЕЛИ“ на Естибалиц Уресола Солагурен, кој на КИНЕНОВА 8 ја доби специјалната награда на жирито. Голем куриозитет за овој филм е дека детето-актерка Софија Отеро, која ја игра главната улога во овој исклучително сензитивен и тематски специфичен филм, ја доби наградата за најдобра главна улога на овогодинешното Берлинале.