Настани
Старт на 22. ОФФЕСТ со фадо ѕвездата Мизија
Отворањето на дваесет и второто издание на ОФФест (7-10 јуни) ќе биде целосно во знакот на португалското фадо со една од неговите клучни протагонистки, Мизија.
Вечерва, заедно со својот исклучително квалитетен состав, таа ќе настапи премиерно во Скопје, претставувајќи го својот актуелен албум „Animal Sentimental“, едновремено навраќајќи им се на старите класици, низ еден инспиративен аудио-визуелен перформанс.
МИЗИЈА е пионер, слободен дух, што успеа да изгради своја патека во жанрот и веројатно затоа го доби прекарот „анархист на фадото“. Првите успеси ги бележи во странство: прво во Шпанија и Јапонија, потоа во Франција и Германија. Набргу стекна и светска популарност, започнувајќи вистинска интернационална кариера. Во 1993 година таа стана втората пејачка по Амалија Родригез што го однесе португалското фадо на најголемите светски концертни подиуми. Безброј награди и одликувања, како и стотици илјади продадени плочи низ светот, добро ја илустрираат важноста на овој уметник во историјата на фадото, во португалската музика воопшто, во минатото и иднината. Нејзиниот уникатен глас одново и одново импресионира со својата театралност и авторитет, а уметнички стилизираната сценска продукција ја надополнува нејзината фасцинантна сценска појава, со која таа буквално ја маѓепсува публиката на своите концерти. Оваа уметница, пејачка на сонливото фадо, вокалистка-актерка и раскажувач на сопствените и на приказните на другите, е првата што признава дека е „сентиментално животно“. Овој израз служи како наслов на нејзиниот актуелен албум (Animal Sentimental), ново поглавје во кариерата на Мизија којашто трае три децении.