Настани
Вечерва почнува 4. издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје
Со проекција на филмовите „Тишината на рибата што умира“ на Василис Кекатос (краток филм) и црната комедија „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ на Јоргос Георгопулос вечерва во Кинотека свечено ќе биде отворено 4.издание на Фестивалот на грчки филм во Скопје.
Филмот на Јоргос Геогопулос, ја раскажува приказната на Арис кому сè му оди од рака. Како манипулант, како во неговата работна средина така и во личниот живот, тој ужива во животот како безгрижен женкар и миленик на неговиот шеф. Неговата среќа ќе се промени кога ќе открие дека е носител на сексуално пренослив вирус кој е смртоносен само за жените. Но, тој е и единствената надеж за пронаоѓање на лековита вакцина, доколку открие која од неговите поранешни девојки е носител на првиот вирусен вид.
Јоргос Георгопулос студирал режија на Школата за филм Ликургос Ставракос, а подоцна и социологија на Универзитетот Рома I. Режирал документарни и играни филмови. Со неговиот прв долгометражен филм, “TUNGSTEN”, патувал на многу филмски фестивали ширум светот и добил бројни награди. Филмот „Не би сакал да сум непристоен, но мораме сериозно да разговараме“ е негов втор долгометражен филм со две награди и 14 номинации.
Краткиот филм на Кекатос, пак, ја раскажува приказната за Макис, кој работи во фарма за риби. Одејќи на работа едно утро, го известуваат дека починал ден претходно. По неуспешните обиди да докаже дека е жив, тој ја прифаќа својата судбина и го поминува својот последен ден пред неговиот погреб обидувајќи се да обезбеди засолниште за своите сакани канаринци.