Настани
Втор концерт со македонската премиера на оркестарска верзија на Македонисимо на Симон Трпчески
Поради голем интерес и распродаден прв, Камерниот оркестар „АЈГА“ во соработка со КултурОп и на втор концерт Ви ја претставуваат македонската премиера на оркестарската верзија на проектот МАКЕДОНИСИМО на Симон Трпчески и пријателите.
Концертот ќе се одржи на 31 март 2024 година од 20 часот на големата сцена на Македонската филхармонија. Двете концертни вечери ќе го означат и стартот на првото издание на СКОПЈЕ ИНТЕРНАЦИОНАЛНИОТ МУЗИЧКИ ФЕСТИВАЛ што го организира Камерниот оркестар „АЈГА“.
„Потсетуваме, по исклучително успешната светска оркестарска премиера на проектот МАКЕДОНИСИМО минатата година во, веројатно најпрестижната концертна сала во светот, Музикферајн (Musikverein) во Виена, заедно со Тонкунстлер оркестарот од Австрија под диригентската палка на нивниот шеф-диригент Маестро Јутака Садо, нашиот Камерен оркестар „АЈГА“ во соработка со КултурОп Ви ја претставуваат македонската, а воедно и балканска премиера на оркестарската верзија на проектот МАКЕДОНИСИМО“, велат организаторите.
МАКЕДОНИСИМО / оркестарска верзија базира врз транскрипции на македонска традиционална музика од нашиот композитор Панде Шахов, во соработка со Симон Трпчески. Овој пат, финесите на филигрански осмислениот и изведен проект, во оркестарското концертно исчитување нудат уште повозвишен приказ на богатството на македонската музичка традиција. За тоа, на сцената на Македонската филхармонија ќе се погрижи Квинтетот МАКЕДОНИСИМО (во состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки) заедно со Камерниот оркестар АЈГА, под диригентската палка на Ана Спасовска.
Специјални гости на вечерта ќе бидат и Владимир Крстев на виолина, Александар Димитров и Паскал Краповски на виолончело.
По распродадениот прв концерт закажан за 1 април од 20 часот, а со оглед на програмскиот распоред на учесниците и достапноста на големата сцена на Македонската филхармонија, но и на почитта кон веќе потврдените концерти на други македонски музички уметници, вториот концерт ќе се одржи ден порано, на 31 март (недела).
Билетите веќе се во продажба на платформата МКтикетс.