Започнува новата концертна сезона на Филхармонија
Со концертот насловен „Данте 700“ в четврток, во 20 часот се отвора новата концертна сезона на Филхармонија, насловена „Филхармонија во движење“.
-Со ново мото ја започнуваме оваа концертна сезона – „Филхармонија во движење“ кое алудира на фактот дека во екот на најголемата пандемија нашата институција не ги затвори портите за својата публика, туку продолжи да се „движи“ и да ја реализира својата програма – вели Тина Иванова, в.д. директорка на Филхаромонија.
На програмата на концертот со кој се отвора сезоната се две дела од Франц Лист, диригент е Габриел Бебешелеа, а како солист ќе настапи исклучителниот македонски пијанист Симон Трпчески.
-Среќен сум што сум повторно тука, што се враќам со ваков исклучителен концерт со кој ја затвораме концертната серија која ја започнавме минатата година, која му е посветена на исклучителниот италијански писател Данте Алигиери и неговата „Божествена комедија“. Тоа што сум заедно на сцена со мојот долгогодишен пријател Симон Трпчески е исто така важно за мене, досега сме настапувале насекаде низ светот, но ова ни е прв заеднички настап во Македонија. Моите концерти оваа сезона во Филхармонија се на некаков начин врзани со времето, како тоа се отсликува на позитивен и на негативен начин. Таков ќе биде и проектот насловен „Време“ со кој ќе ја затвориме оваа концертна сезона – вели маестро Габриел Бебешелеа, шеф-диригент на Филхармонија.
Солистот Симон Трпчевски вели дека е пресреќен што ќе настапи заедно со маестро Бебешелеа и оркестарот на Филхармонија.
-Овој концерт се реализира на покана на Габриел со кој досега сме имале повеќе заеднички настапи во различни делови на светот, но ова ни е прв во Македонија. Станува збор за голем професионалец, музичар, кој ќе понуди многу свежина во програмскиот концепт на Филхармонија. Програмата на концертот „Данте“ е целосно изградена на опусот на Лист, неговиот Концерт бр. 2 е исклучителен како и целокупниот негов опус, има многу иновации во формата и во начинот на кој го претставува пијаното – вели Трпчески.
Во новата концертна сезона ќе настапат исклучителни солисти како Тимоти Рајдаут (виола, Англија), Јеил Еум Сон (пијано, Ј.Кореја), Марија Солозлобова (виолина, Русија), Андреи Коробејников (пијано, Русија), Елишија Силверштајн (виолина, САД), Сајака Соџи (виолина Јапонија), кваретот „Баланеску“… Со оркестарот ќе диригираат Паскал Галоа, Емил Табаков, Конрад ван Алфен, Урош Лајовиц, Михал Нестерович и др. Освен солистите кои доаѓаат од различни краишта на светот, ќе настапат и домашни уметници – Анна Кондратенко, Ева Богоевска, Маја Чаначевиќ, Паскал Краповски.
На програмата, освен „железните“ класици на симфонизмот се и дела од модерни и современи автори кои за првпат ќе прозвучат кај нас – како антологиското дело „Музика за 18 музичари“ од американскиот композитор Стив Рајх кое премиерно ќе биде изведено на 14 октомври.
Главни спонзори на концертната сезона „Филхармонија во движење“ се НЛБ Банка и Мастеркард со кои институцијата има повеќегодишен договор за соработка кој ќе овозможи подигнување на квалитетот на музичката програма.
Нова веб страна на Филхармонија
Наскоро ќе биде промовирана и новата веб страница на Филхармонија со модерен и автентичен дизајн, богата со различни содржини врзани со работата на институцијата.
На страната освен основните информации за настаните и тековните содржини, ќе може да се слуша и симнува музика во изведба на Филхармонија, како и да се превземе електронска верзија на Филхармонискиот весник кој го издава институцијата. На неа ќе можат да се најдат различен тип на корисни информации врзани за сите активности на Филхармонија.
Страницата ќе има модерен лик и дизајн, направен во урнек на најдобрите оркестри во светот.
Новата веб страница е изработена со поддршка од главните спонзори – НЛБ Банка и Мастеркард.