Настани
Златна Бубамара на популарноста 2023: Пуштени се во продажба последните 300 билети
Најпопуларната манифестација на домашната сцена – Златната бубамара на популарноста 2023 – е во фаза на завршното дотерување на овогодишната 26-та церемонија што ќе се одржи на 16 март во салата „Борис Трајковски“.
Во духот на штедењето како главна одлика на изминатата година, овогодишното мото на Златната бубамара е „Да ги наполниме батериите на евтина струја“ (со подваријанта „… или на скапа тарифа“), а штедливоста и енергетската ефикасност на свој, сатиричен и хумористичен, начин ги обликуваа скечовите и содржините на овогодишниот спектакл.
Енергетски ефикасниот штаб кој ја подготвува манифестацијата, како и секогаш, ги чува содржините во врвна тајност, но ги најавува најголемите естрадни и спортски ѕвезди – од домашната и регионалната сцена.
Веќе се објавени и двата постери за овогодишната 26. Златна Бубамара. Едниот со мотото на овогодишниот спектакл го изработи нашиот традиционален соработник, графичкиот дизајнер Ласко Ѓуровски, а другиот постер – со остарените и залежани суперхерои кои нестрпливо ја чекаат Златната Бубамара за да се размрдаат – го изработи младиот стрип-цртач Никола Димов. Како екстра додадена вредност – годинава Златната бубамара ќе добие и стрип!
Како и секоја година, интересот за билети е огромен. Речиси 90 проценти од пуштените билети во продажба се веќе продадени, но на барање на публиката денес се пуштени во продажба последните 300 билети.
Ве очекуваме на 26-то издание на Златната Бубамара.
Да штедиме и да не се штедиме!!!