Музика
No Sleep Novi Sad 2017: Ова се клубовите во кои ќе излегуваме на Exit!
Фамозната No Sleep Novi Sad (Ноу Слип Нови Сад) бина и оваа година секоја ноќ на EXIT (Егзит) фестивал публиката ќе ја внесува во различен светски клуб!
Магијата која ја имаат одредени култни места не ја прават ниту циглите ниту малтерот, туку посебниот дух, богатата историја и програма кои за оваа година внимателно се подготвуваа уште од почетокот на минатата есен.
Оваа непогрешлива формула минатото лето и во пракса го покажаа тридеценискиот симбол на Барселона, клубот Nitsa (Нитса), берлинската техно институција Tresor (Трезор), како и славниот париски клуб Concrete (Конкрит) чија ноќ на фестивалот беше апсолутно антологиска пред големото финале кое здружено го изведоа Grelle Forelle од Виена и белградската техно катедрала Drugstore.
Оваа година, во добро познатиот ров зад Арената, од 6-ти до 9-ти јули, на список сме за четири нови ноќи без сон!
Уште на самиот почеток нѐ очекува голема прослава бидејќи јубилејни 30 години музика без компромис прославува прочуениот Sub Club (Саб Клуб) од Глазгов! „Најголемиот мал клуб на светот“, како што популарно го нарекуваат, минатата година Resident Advisor (Резидент Адвајзор) го прогласи меѓу 12-те најдобри клубови во светот во кој заедно ги организираа журките во месец дена долгата резиденција! Познат по исклучително непосредната атмосфера и специјално проектираниот звук со басови кои избиваат од подот, Sub Club отсекогаш беше над извиканите имиња како центар на музичката сцена во не толку големиот шкотски град кој прв ги препозна и прослави меѓу другите и Daft Punk (Дафт Панк). Сето тоа би било невозможно без резидентите како што се легендарното дуо Harri and Domenic (Хари енд Доменик) чиј „Sub Culture“ се одржува секоја сабота веќе 25 години, што ја прави оваа резиденција најдолговечна на светот! Шкотската подморница подготви специјална посада за оваа прилика која наскоро ќе биде објавена, а ќе заплови на тврдината во четврток 6-ти јули во рамки на „30 Years of Sub Club“ турнејата со која покрај Нови Сад ќе ги опфатат и Лондон, Берлин, Амстердам, Атина, Осло и други дестинации.
Откако во петочната вечер минатата година во живо сведочевме создавање историја со берлинскиот Tresor, оваа година дочекуваме уште еден монолитен репрезент на светската техно култура, клубот кој без престан работи скоро две и пол децении – Fuse (Фјуз) од Брисел! Клубот во кој кон средината на 90-тите вртеа Carl Cox (Карл Кокс), Laurent Garnier (Лорен Гарние), Sven Väth (Свен Ват) и Richie Hawtin (Ричи Хотин), денес го посетуваат новите ѕвезди како што се Psyk, Antigone, Francois X и Bjarki. Иднината е осигурана и со ѕвездената резидент диџејка во вртоглав подем Charlotte De Witte (Шарлот Де Вит), која ја продолжува приказната која пред дури 23 години ја започна симболот на овој клуб, легендарниот Pierre (Пиер). Од истата кујна како и клубот, само година дена подоцна настан и славниот „I Love Techno“ фестивал чии први изведувачи таа 1995-та година беа Daft Punk, Dave Clarke (Дејв Кларк) и Jeff Mills (Џеф Милс). На почетокот на веков на сцената стигнаа и славните микс изданија под препознатливата „Fuse“ (Фјуз) етикета која денес е куќата за некои од најбараните техно продуценти.
Уште еден јубилеј ќе биде одбележан на #NSNS кога во сабота на тврдината својата врата ширум ја отвора омилениот лондонски центар на случувањата – Corsica Studios (Корзика Студиос)! Епицентарот на уметничкиот живот на британската престолнина го слави својот 15-ти роденден, а домаќин на оваа журка ќе биде беспрекорната организација Avant Garde (Авант Гард) која само во изминатите три години во Лондон претстави некои од највозбудливите уметници како што се Pantha Du Prince (Панта Ду Принц), Royksopp (Ројскоп), Modeselektor (Модселектор), Function (Фанкшн), Pachanga Boys (Пачанга Бојс) и бројни други. И тие знаат дека Corsica Studios е многу повеќе од клуб, кој по мислењето на многумина има воедно и најдобар звучен систем во цел Лондон. Истовремено тој е и културен центар, галерија, креативен хаб и место кое го собира современото уметничко јадро на градот на Темза. Ова место со „направи сам“ филозофијата израсна во вистински феномен и место во кое денес сакаат да настапуваат и Thom Yorke (Том Јорк), Hot Chip (Хот Чип), James Murphy (Џејмс Марфи) или Little Dragon (Литл Драгон). Radiohead (Рејдиохед) во Corsica организираат и промоции на албуми, а Jeff Mills токму таму ја одбележа 20-годишнината од својата издавачка куќа „Axis“ (Аксис) во деветчасовен сет по кој, како што тоа го опишува Pitchfork (Пичфорк), „и возрасните луѓе пуштија солзи“!
И финалето на 9-ти јули ќе биде многу емотивно, бидејќи на тврдината повторно се собира целата фамилија: Concrete се враќа на EXIT! Откако парижаните минатата година во четиричлен состав дојдоа во „извидница“, ова лето галската експедиција се враќа во двојно поголем број, желна ровот пред себе повторно да го претвори во најпознатиот брод на Сена. Кога Resident Advisor летоска го вклучи Concrete меѓу 12-те најдобри светски клубови, многу уникатната приказна ја наслови со „Како Париз го врати својот грув“. Клубот настана спонтано од едвај-легалните рејв забави на различни локации од кои, по една рација, финалната одлука падна на габаритниот брод со три палуби, закотвен во центарот на Париз. На самиот почеток, пред само 5 години, журките почнуваа во 7 наутро во недела и траеја до 2 часот по полноќ. Потоа беа воведени и други денови, а потоа и целовечерните термини, додека конечно на 8-ми март годинава градоначалничката на Париз лично го поддржа Concrete да добие 24-часовна дозвола за работа со што тој е и де факто прогласен за институција од значење за целиот град! Незадржливи во сѐ што прават, Конкритовци имаат и сопствена издавачка куќа, како и сѐ повеќе популарниот „Weather“ фестивал, а нивните резиденти денес се веќе етаблирани изведувачи со густо набиени фестивалски календари.
Листата на одбрани изведувачи за секој клуб поединечно ќе биде објавена во следните денови, а по Белград, Барселона и Виена, наскоро ќе биде објавени и првите No Sleep настани во Лондон и Брисел, но и целосно новото, морско издание на No Sleep бината на овогодишниот „Sea Dance“ фестивал!